Деветти потврден случај на листерија во Македонија
Кај пациент хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести-Скопје денеска е добиен позитивен изолат на листериа моноѕтогенес од ликвор како причинител за менингоенцефалит, соопшти попладнево Министерството за здравство кое за новиот случај на листерија пред половина час било известено од Клиниката.
Станува збор за пациент на возраст од 46 години од Неготино, хоспитализиран на Инфективната клиника на 3 август со гастроентероколит и бронхопневмонија, кој се наоѓа во потешка здравствена состојба и веднаш е поставен на механичка вентилација, јави 24 Вести. Поради клиничката слика започнато е и со пеницилинска терапија, а во лекувањето дополнително се вклучени и доктори-анестезиолози од КАРИЛ.
Имајќи ја предвид должината на инкубација на ова заболување, веројатноста за инфицирањето кај овој пациент е во периодот од 1 јуни до крајот на јули оваа година.
Во тек е спроведување на проширени епидемиолошки анкети од епидемиолози од Центарот за јавно здравје-Велес, во однос на претходни заболувања, консумација на храна и други потребни податоци за можна поврзаност со храна.
На изолатот на листерија ќе се направи генотипизација заради утврдување на поврзаност на овој случај со останатите лица, а исто така е побарано и потврдување на позитивниот изолат од страна на микробиолошката лабораторија од Институтот за јавно здравје-Скопје, стои во соопштението.
Ова е деветти потврден случај на листерија во Македонија од јуни до денеска. Досега четири лица починаа.
