Новинарите бараат од Владата слобода за Кежаровски
Министерот за надворешни работи, Никола Поповски, доживеа канонада од новинарски прашања на форумот за медиуми во Скопје организиран од Југоисточна медиумска организација, на кој, меѓу другото, беше побарано од него директно учество за ослободување од притвор на новинарот, Томислав Кежаровски. Новинарите побараа преку министерот, Владата да преземе мерки во интерес на новинарот кој е осуден на четири и пол години затвор.
-Следната недела Апелациониот суд треба да одлучи по жалбата на Кежаровски. Ако се потврди таа казна, Македонија со тоа ќе стане втора земја во Европа, по Турција, каде има казнето новинар со казна затвор. Има можност да се покрене постапка кај претседателот на државата за аболиција на Кежаровски. Дали вие како министер во Владара ќе побарате од Министерот за правда да го искористи ова право – праша претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, пренесува „Радио Слободна Европа“.
Поповски при тоа ги одбегнуваше одговорите на овие прашања со аргумент дека не може да се прејудицира одлука на суд пред да се донесе и дека не може да се коментираат судските пресуди. Како што рече тој, тоа за сега е хипотетичка ситуација.
Новинарот и колумнист, Ерол Ризаов, пак му оддржа лекција на министерот по новинарство и медиумите, пишува „Фокус“. Својата можност да постави прашање, Ризаов ја искористи за сликовито да му ја опише на министерот ситуацијата со медиумите во Македонија денес.
-Очекував премиерот да е тука затоа што секогаш на форумите на СЕЕМО гостуваат премиери и претседатели. Во оваа пригода министре нема да ве прашам ништо. И онака ве слушам секој ден и ви ги знам ставовите. Но, она што е поважно, пред 20 дена од радио програмата на националниот јавен сервис е симната хумористичната серија Хихирику Месечно хонорарите биле 1 400 евра за осумтемина кои работеле на емисијата. Затоа министере излишно е да зборуваме за медиумите, па и за другите состојби во општеството. Тој што го санкционира хуморот и политичката иронија има проблем сам со себе. Значи министре нема сатира, туку голема цензура- заврши Ризаов.
Министерот Поповски иако не беше прашан, сепак одговори дека и тој би се вклучил во некаква активност за да помогне во надминување на состојбата.
На коментарите и критиките за падот на слободата на говорот, за лошите позиции на Македонија во светските ранг листи и за лошите показатели нотирани во извештајот на Европската комисија која бара опуштање на владиниот јарем врз медиумите, министерот одговараше дека ситуацијата во медиумите не може да се гледа како црно-бела.
Горан Михајловски, главниот уредник на „Вест“, потенцираше дека во македонскиот медиумски етер владее самоцензура и дека се губи довербата на читателите кон новинарите. Како што рече тој новинарите се толку искусни што можат да напишат прирачник за самоцензура.
Форумот за медиуми ќе продолжи и утре. Неговата цел е да се дебатираат за состојбата во медиумите, пред се во Македонија, како и за загрижувачата положба во која опстојува новинарството.
Фото: „Фокус“
