Лустраторите бараат лустрираните да се избркаат од работа
Комисијата за лустрација испратила предупредување до сите институции и организации кои се уште не ги избркале од работа, лустрираните вработени, пишува весникот Дневник, а потврдува комисијата.
Од Лустрациска велат дека комисијата ги известила сите засегнати субјекти, каде имало лустрирани, но сепак велат дел од нив се уште вршеле јавни функции и јавни овласувања и тоа значи дека не се спроведувала одлуката.
Известени сме дека досега се разрешени четворица лустрирани, 25 сами се повлекле, но седум лица се уште не се разрешени, тројца академици, двајца адвокати и двајца универзитетски професори – вели Предраг Димитровски, портпарол на Комисијата за лустрација.
Проблемот со разрешувањето на лустрирани вработени настанува во толкувањето на Законот за лустрација кој вели дека од работа или положбата треба да бидат отстранети лицата кои носат јавни функции или овластувања а соработувале со државната безбедност.
За 24 Вести Деканот на правниот факултет Борче Давитковски, од кого се бара да го избрка од работа професорот Љубомир Фрчкоски, вели дека нема да постапи по решението.
Еден од тројцата академици на кои укажува Лустрациска е последниот лустритан член на МАНУ историчарот Иван Катарџиев, кој е четврта личност означена од комисијата по починатиот Славко Јаневски, Томе Серафимовски и Божин Павловски. Претседателот на академијата Владо Камбовски вели не сака да го коментира последното предупредување од лустраторите, но не упати на последното соопштение на МАНУ.
„МАНУ одлучно се спротивставува на секој обид на злоупотреба на процесот на лустрација за уривање на институциите на државата, на културните, образовните и други општествени институции. Академијата смета дека заради доследно спроведување на начелото на владеење на правото како највисок државен интерес, постапката на лустрација треба во целост да биде подредена на правилата и стандардите предвидени со Европската конвенција за човекови права, која е дел од домашниот правен поредок и има супериорно значење во однос на законот – се вели во соопштението од МАНУ.
Највисокиот европски правен советодавен орган, Венецијанската комисија, Законот за лустрација го оцени како дискриминирачки, и заклучи дека може да се користи како средство за пресметка со политичките противници.
Парламентарното собрание на Советот на Европа нотира дека законот е контроверзен и политизиран, а во последниот Европски извештај за Македонија пишува дека Уставниот суд одбил да расправа за контроверзната лустрација, иако самиот суд претходно побарал и добил мислење за законот од Венецијанската комисија.
Текст: 24 Вести
