Уште 10 дена до истекот на уставниот рок за формирање на влада

Објавено на 18 јануари, 2017 во 17:02

На мандатарот Никола Груевски му се стеснуваат роковите за отпочнување преговори за формирање нова влада. Гласините дека во текот на денешниот ден ќе биде остварена првата официјална средба, беа демантирани од партијата на Ахмети. Оттаму велат дека досега немало никаква меѓупартиска комуникација, но очекуваат преговорите да стартуваат до крајот на оваа недела.

Иако е практика преговорите да се одвиваат на лидерско ниво, за што Груевски веќе доби овластување од Извршниот комитет на партијата, не се знае кој би седнал спроти него, со оглед дека од ДУИ нема информација дали и нивното раководство донесло одлука, Ахмети сам да ја претставува партијата.

Доколку преговорите стартуваат, се очекува да се формираат и преговарачки тимови и работни групи кои ќе разговараат за црвените линии кои ги исцртаа партиите. ДУИ се очекува да настапи со барањата за употреба на албанскиот јазик на целата територија, продолжување на мандатот на СЈО и продолжување на процесот на интеграција во ЕУ и во НАТО.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа промена на Уставот во однос на статусот на албанскиот јазик, ниту продолжување на мандатот на СЈО кој според нив е политички пристрасен орган. Двете партии, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се изјаснија дека преговорите може и да не вродат со плод, откако Груевски соопшти дека нема да формира влада по секоја цена, а ДУИ дека не се гледа себеси во Влада која нема да ги поддржи нивните барања. Но, ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту ДУИ не ја исклучуваат можноста, доколку не биде постигнат договор да се оди на нови избори.

Извор: Алсат М

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.