Сончево и топло, од задутре пад на температурите
Објавено: 3 февруари, 2020, во 07:59 часот
Сончево и топло за овој период од годината, со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од југозападен правец е прогнозата на УХМР за денеска.
И утре во поголем дел од денот ќе се задржи стабилно време со релативно високи температури за овој период од годината. Поголема промена на времето ќе има кон крајот на денот, проследена со зголемување на облачноста, засилен ветер и значително опаѓање на температурата. Во текот на ноќта кон среда и в среда во пониските места ќе има врнежи од дожд и снег, а на планините и повисоките места од снег. Во следните денови ќе има стабилизација, но и пониски температури.
Синоптичарите за денеска најавуваат максимална температура во интервал од 12 до 18 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала облачност и со слаб до умерен ветер со променлив правец. Максималната температура ќе достигне до 13-тиот степен.
Утринава најстудено е во Берово каде се измерени -3 степени, а еден под нулата е измерен во Петровец. Во останатите градови низ државата утринските температури се над нулата. Најтопло е во Дојран каде се измерени 6 степени, а топло е и во Маврово, Крушево, Битола и Виница каде се изремени 4 степени.
Снег, според Управата за хидрометеоролошки работи, има само на Попова Шапка каде висината на снежната покривка изнесува само пет сантиметри.


