Заев: Бугарија не е фашизам, Југославија не раздели, а Пендаровски не е толку искусен политичар
26.11.2020
По контроверзното интервју на премиерот Заев за бугарската новинска агенција „БГНЕС“, лавина реакции доаѓаат од сите страни.
Заев во спорното интервју зборува и за историските прашања, кои Бугарија ги смета за спорни и за кои македонските и бугарските историчари се уште не можат да се согласат во заедничката Комисија за историски прашања.
Во интервјуто, Заев вели дека Гоце Делчев е револуционер кој се борел и за Бугарија и за Македонија и дека тоа е реалност.
На прашањето дека македонската држава е подготвена да ги отвори сите страници од историјата и народот во Македонија да разбере што се случувало, Заев со одговор:
„Ние веќе, мислам дека има преку 20-тина табли во државата сменето каде што стои „бугарски фашистички окупатор“. Тоа не е така! Бугарија не е фашизам. Бугарија е нашиот пријател. Имало некогаш, некоја администрација, во тој момент на почетокот. После тоа Бугарија се крева заедно со антифашизмот, се бори за слободата, за демократијата и апсолутно е дел од антифашистичкиот фронт. Бугарски и македонски војски ослободуваат територии, еве знаеме, Крива Паланка, Куманово целиот регион, Скопје и во целиот овој дел“, вели Заев.
Околу она што Бугарија го смета за комунистички режим и за жртвите на овој режим, Заев вели дека Собранието усвои декларација со кои се осудуваат тие акти на комунизмот, но додава дека Југославија ги држела одвоени Македонците и Бугарите.
„Кога ни било тешко, заедно ни било тешко, кога ни било добро, заедно ни било добро. Да ги најдеме тие работи кои што не поврзуваат, затоа што ни е должност на сите граѓани а особено на нас политичарите најмногу, да ги направиме блиски нашите народи, затоа што долги години, децении ги држеа далеку. Различни власти, пред се за врме на поранешна Југославија, пред поранешна Југославија. Ние треба да бидеме заедно заради тоа што сме први соседи“, вели Заев.
На прашање на новинарот околу тоа каков е неговиот став за изјавата на Претседателот Стево Пендаровски за „живковистичка Бугарија“, Заев одговори:
-Верувајте ми, претседателот Пендаровски е пријател на Бугарија. Тој не е толку искусен политичар како Зоран Заев, бидејќи пред тоа работеше за Борис Трајковски, Бранко Црвенковски, тој беше национален координатор за НАТО во мојата влада. Тој е сериозна јавна личност и е целосно посветен на пријателството со нашите соседи и Република Бугарија, и секако, на интеграцијата во НАТО и ЕУ – рече Заев.
Од кабинетот на Претседателот не ја коментираат оваа изјава на премиерот Заев.
Мите Јаначков
