Велес и Тетово пријавија смирување на состојбата со коронавирусот
22.12.2020
После десетмесечната борба во смртоносниот вирус, два града во Македонија вчера пријавија дека состојбата со коронавирусот се смирува.
Станува збор за Велес и за Тетово кои во изминативе месеци беа тешко погодени од ковид-кризата.
Кризниот штаб при Општина Тетово, по вчерашниот состанок, сублимираше дека се бележи значителна стабилизација во тетовскиот регион во справување со ковид-19. Досега се бележат вкупно 4.600 заболени од кои активн случаи се 1.022 лица, оздравени се 3.313 лица, а 171 починале.
Слична е ситуацијата и во Велес, каде вчера имаше само четири новозаболени од ковид-19, оздравени се 23 лица, а во моментот активни на болеста се 636 лица, информираше в.д директорката на ЈЗУ Центар за јавно здравје, Весна Николовска Неделкова.
Таа потенцираше дека последните денови бројот на новозаразени со ковид е во опаѓање.
Во велешката болница вкупно се хоспитализирани 38, од кои 25 се потврдени позитивни, еден непотврден, негативни се 12, а на кислородна поддршка се 14 пациенти.
Се чини дека состојбата се смирува кај нас, но светот стравува од новиот мутиран коронавирус, кој се појави во Велика Британија, па повеќето земји ги стопираа летовите од и до Обединетото Кралство.
Комисијата за заразни болести вчера предложи 14 дневна самоизолација за патниците од Велика Британија поради новиот мутиран коронаворус, а Владата го прифати предлогот.
Владата на вчерашната седница ја донесе Одлуката за забрана на сите авионски летови од Велика Британија и Северна Ирска во Република Северна Македонија до крајот на 2020 година.
– Со оваа Одлука ќе биде задолжителна проверка на сите патници кои влегуваат на територијата на Северна Македонија од Велика Британија и од Северна Ирска преку копнен граничен премин и на граничните премини на аеродромите во Скопје и Охрид и сите ќе бидат задолжително упатени во самоизолација од 14 дена, како и да пополнат пријава за влез во државата со податоци за местото на сместување, информираше вчера владината прес-служба.
Засега, како што информираше министерот Филипче, Комисијата не ја разгледува опцијата за предложување на дополнителна мерка, како задолжителен ПЦР тест за влез во нашата земја, односно рестриктивна мерка за влез или излез од земјава.
Според последниот извештај на Министерството за здравство, во моментот најмногу заразени има во скопската општина Гази Баба – 1.712 активни случаи. Над 1.000 заразени имаат вкупно 6 општини во Скопје.
Вчера на ниво на Македонија, поради компликации со ковид-19, починаа 22 лица, три пациенти од Скопје (44 год., 61 год. и 67 год.), еден од Куманово (88 год.), еден од Дебар (43 год.), од Штип (64 год.), пријавени се девет пациенти од Прилеп од кои тројца се починати во изминатото деноноќие (85 год., 81 год., 87 год., 87 год., 70 год., 96 год., 69 год., 79 год. и 68 год.), двајца од Струга (86 год. и 78 год.), еден пациент од Велес (75 год.), од Битола (58 год.), од Гевгелија (72 год.), од ПЕ Делчево/ Македонска Каменица (86 год.) и еден пациент од Кичево (69 год.). Сите пациенти се починати во болнички услови.
Досега во земјата се направени вкупно 381.207 тестирања на ковид -19.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 78.434, бројката на оздравени пациенти е 55.155, на починати е 2.314, а бројот на активни случаи изнесува 20.965.