На граничниот премин „Богородица“ утрово се расчисти сообраќајниот метеж
01.03.2021
Километарската колона од камиони што беше создадена на ГП Богородица по воведувањето од грчка страна на новата мерка за заштита од коронавирусот утрово е расчистена и состојбата на границата за излез од земјава е нормализирана.
Мерката за заштита од копнените точки на грчката граница, меѓу кои спаѓа и ГП Богородица, стапи на сила од утрово и е најавено дека ќе трае до 15 март. Тоа значи дека до тогаш на камионџиите за влез во Грција ќе им се прават брзи бесплатни ПЦР тестови, а оние кои ќе покажат позитивни резултати ќе се враќаат назад.
Од дежурната служба на ГП Богородица утрово информираа дека цела ноќ работеле на расчистување на гужвата од камиони и дека во моментов состојбата на границата за излез од земјава е нормализирана.
Како дел од грчката мерка за заштита од ширење на коронавирусот, од денеска граничниот премин Евзони ќе работи ограничено до 19 часот, што значи дека потоа камионите до следното утро нема да се пропуштаат да влезат во Грција.