Милошоски:Судиите треба да ги земат реакциите од јавноста во предвид

Објавено на 29 октомври, 2013 во 10:17

Нова тв пренесе делови од интервјуто на Антонио Милошoски објавено на „Канал 5“ во кое поранешниот министер за надворешни работи се осврнува на актуелни теми и на посетата на Ховит на Македонија.

– Случајот Кежаровски никој од нас не го предвидувал или проектирал. Се работи за новинар кој не бил дел, ниту можел да биде политички актер и треба да се почитува независноста на судските институции, ние разбираме дека правосудството има и добри страни и недостатоци, дека јавноста и реакциите кои доаѓаат треба судиите да ги земат во предвид, но недостатоците во судството не ни даваат за право да го претвориме Собранието во кривичен, управен или прекршочен суд, вели поранешниот шеф на дипломатијата и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски во интервју за „Канал 5“, по забелешките на европратеникот Ричард Ховит, кој денес изрази сериозна загриженост во Унијата за слободата на изразување во Македонија и затворската казна за Кежаровски.

Милошоски посочи дека Ховит треба да оствари средби со надлежните институции, особено со оние од јавното обвинителство и судството, за да може лично да се информира за овој случај. Според него, Собранието нема никаква допирна точка со случајот кој „на сите им создава дополнителен товар“.

Како решение, Милошоски предлага дека она што може да се направи е без одложување да се овозможи продолжување на второстепеното ниво на судската постапка и со дополнителни аргументи и образложенија да му се даде должното законско внимание на случајот од страна на судскиот систем.

Милошоски објасни дека Собранието не може да носи нови пресуди, туку само може да помогне со тоа што би донел подобар Деловник, посочувајќи го договорот од 1 март.

Во однос на слободата на медиумите, денес поранешниот министер за надворешни работи, изјави дека таа може да биде постигната само доколку има рамноправен, долгорочен дијалог помеѓу политичарите и медиумите, помеѓу новинарите и власта.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.