Масовната имунизација ќе продолжи: Бугарија и Грција ќе ни донираат вакцини
Останаа вакцини потребни за ревакцинација на населението и уште 5.000 за оние коишто треба да ја примат првата доза. Неделава земјава очекува нова донација на вакцини против ковид-19.
Оваа недела се очекува да стигнат донации од Бугарија и Грција, со што ќе продолжи масовната вакцинација на населението во Северна Македонија. Поголемата количина на кинеските вакцини „Синовак“, коишто беа најавени, не се знае кога ќе пристигнат во земјата.
„Во недела очекуваме 50.000 вакцини од Бугарија и 20.000 Грција, кои најверојатно ќе бидат од „АстраЗенека“. Немаме точен датум кога ќе стасаат 500.000 вакцини од „Синовак“, кои беа најавени за почетокот на јуни, изјави министерот за здравство, Венко Филипче .
Вчера пристигнаа нови 11.700 дози од вакцината на производителот ,,Фајзер” , објави на Фејсбук Филипче.
Од пристигнатите , 7.020 се преку директни преговори со производителот, 4.680 дози се од ЕУ што ги обезбедува како помош преку трилатерални договори во рамките на програмата „Тим Европа“. Оваа програма за поддршка во снабдувањето вакцини за Западен Балкан ја координира Австрија.
Во моментов, во земјава има уште 5.000 вакцини наменети за граѓани кои треба да ја примат првата доза. Останатите се наменети за ревакцинација која се врши во сите пунктови низ земјава.