На Меѓународниот ден на жената КСЗД потсетува: Земјоделките се без платено породилно отсуство
Платеното породилно отсуство претставува клучно социјално право на жените, предвидено со Уставот и со меѓународните договори, па оттука, државата има обврска да го обезбеди ова право за сите жени осигуренички, без исклучок, велат од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Информираат дека е утврдена дискриминација врз индивидуалните земјоделки – осигуренички во остварување на правото од областа на здравственото осигурување – право на надоместок на плата за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство.
Како дискриминатор во овој случај се утврдува Министерството за здравство, а постапката е иницирана по поднесена претставка од Мрежата за заштита од дискриминација и ЛАГ Агро Лидер.
-Во 2022 година, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација постапуваше по вкупно 65 претставки во кои пријавените основи за дискриминација се полот и/или родот, а по 22 од овие претставки, Комисијата утврди дискриминација врз основа на пол и/или род. Овие податоци само ја нагласуваат континуираната потреба, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација да игра важна улога во промовирањето на половата и родовата еднаквост и борбата против дискриминација врз жените, особено жените од маргинализираните групи, се вели во соопштението.
Порачаа оваа објава да послужи како потсетник за нужноста од активна и реална, а не само декларативна заложба од сите државни институции и активни чинители во борбата за родова еднаквост и важноста од поддршката и зајакнувањето на жените во сите општествени области од животот, порачаа од КСЗД.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација оваа година, на чествувањето на Меѓународниот ден на жената ја нагласуваат тековната борба за родова еднаквост и потребата за справување со системската дискриминација врз жените во сите општествени области.
Дума.мк