Oд среда ланци за снег и задолжителни зимски гуми
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2023/11/zadolzhioprema-vo-svojot-avtomobil-2-1024x683-1.jpg)
Законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба, започнува од среда и ќе трае до 15 март следната година
Од среда-15 ноември, кога ќе го управувате автомобилот, можно е да бидете сопрени од полицијата и да провери дали имате зимска опрема во возилото. За непочитување на оваа одлука може да бидете казнети и ќе треба да бидете спремни да платите глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност, која може да биде преполовена доколку ја платите во првата недела по издадената казна.
Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, како зимска опрема на моторните возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 килограми се подразбираат:
-зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од четири милиметри.
-пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина со минимум од најмалку 4 мм., ако возилото во приборот поседува синџири за снег и во случај кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената осовина.
Зимски пневматици се оние пневматици кои имаат ознака „MS”,„M+S”, „M & S” и знак на снегулка на стилизирана планина со три врвови.
Во согласност со Правилникот за задолжителна опрема на возилата, во патниот сообраќај на возилата е забрането поставување на пневматици со клинци.
Иако времето е сеуште топло, односно над просечната за овој дел од годината сепак возачите мора да бидат внимателни и да го подготват своето возило за месеците кои доаѓаат. Утринските ниски температури кои ќе бидат под нулата може да преставуваат проблем за оние кои сеуште возат со вода во казанчето за ладење, а не со антифриз како што е препорачано.
За да бидете сигурни дека вашето возило е спремно за ниските температури потребна е редовна зимска проверка на возилото. Под редовна зимска проверка на возилото се подразбира проверка на антифризот, маслото во моторот, проверка на течноста за бришачите на ветробранското стакло, проверка на акумулаторот, притисокт на пневматиците како и обезбедување на спреј за одмрзнување на стакло, брави, итн.
Дума.мк
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2021/05/SEMM.jpg)