Пендаровски: Армијата ја црпи својата сила и идентитет од народот, не постои поцврста врска од онаа меѓу војникот и неговата држава

Објавено на 18 август, 2022 во 13:36

„Формирана во исклучително сложен геополитички и безбедносен амбиент, на крајот на Студената војна и во екот на крвавиот распад на Југославија, Армијата ги споделуваше сите предизвици на младата македонска држава. Започнавме скромно, со оскудни воени резерви, но, со обучени и посветени патриоти, старешини и војници, кои ги полнеа македонските касарни од првиот ден. Сакам, во оваа пригода, денес, на овој голем јубилеј, посебно да го поздравам првиот регрут во македонската армија – Панче Јамандиев од Велес“, вели во своето обраќање претседателот Стево Пендаровски по повод 18 Август – Денот на Армијата и јубилејот „30 години Армија”.

„Низ годините, Армијата забрзано се модернизираше следејќи ги најновите стандарди и трендови во одбраната. Беше вложувано во образованието на кадрите, пред сé, на Воената Академија „Генерал Михајло Апостолски”, но, и на воено-образовните установи во земјите-членки на НАТО. Значајно искуство се стекнуваше и преку активно учество во мировните мисии предводени од НАТО, од Европската Унија, од Обединетите нации и од нашите стратешки партнери.

Сепак, на овој ден, треба да се потсетиме не само на формирањето и развојот на армијата, туку и на основната причина за нејзиното постоење, а тоа е правото на секоја држава на самоодбрана. Армијата го брани нашиот суверенитет, територијален интегритет и уставен поредок, но и нашето национално достоинство и чест. Во овој контекст, Армијата беше ангажирана во справување со клучните предизвици на државата, од Косовската криза во 1999-та, преку воениот конфликт во 2001-та, па се до мигрантската криза во 2015-та година. Армијата ја црпи својата сила и идентитет од народот, од граѓаните. Оттука, не постои поцврста врска од онаа меѓу војникот и неговата држава“, истакна Пендаровски.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.