Пендаровски: Да живееме едни со други во фер држава со еднакви можности за сите

Објавено на 28 февруари, 2023 во 12:32

Дискриминацијата е една од најголемите закани за човековите права и слободи, а наша обврска како земја која има аспирации да биде дел од меѓународните организиции на евроатлантските демократии е да овозможиме ефикасно и неселективно спроведување на законот, како и што доликува на едно отворено и демократско општество, порача претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на конференција на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација насловена „Дали Северна Македонија е фер земја? Како институциите заеднички да ја унапредат борбата против дискриминацијата?“.

Пендаровски во обраќањето се повика на анкетата на Центарот за управување со промени и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација која покажува дека ни е потребен значителен ангажман од сите надлежни чинители во општеството за подобрување на состојбите.

Според истражувањето, најчести основи за дискриминација се политичката и етничката припадност, особено во областа на вработувањето, здравството и административните услуги.

– Посебно треба да нѐ загрижува податокот дека над две третини од испитаниците воопшто не би поднеле претставка до државна институција во случај на дискриминација, пред сѐ и најчесто поради недоверба во системот. Над 80% од анкетираните сметаат дека институциите не ги третираат еднакво сите граѓани. Притоа, најсиромашните, лицата со попреченост и припадниците на ромската заедница се меѓу најдискриминираните наши сограѓани, рече Пендаровски.

Причините за дискриминацијата ги има повеќе, а, како што вели, ги знаеме и ги живеееме сиве овие години. Од стереотипите и стравот од различните од нас, повеќедецениската партизација на институциите, етнизација на политиката и намалената доверба на граѓаните во државните структури, на локално и на централно ниво.

– За драстично редуцирање на системската дискриминација, неопходно е таа да биде адресирана од повеќе агли. Централна улога во овој процес има Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, којашто за нецели три години разгледа стотици претставки и донесе свои одлуки и мислења. Потребно е сите надлежни институции, вклучително и на прво место, политичките фактори, да ѝ дадат целосна поддршка на Комисијата да работи непречено и со полн капацитет, додаде тој.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.