Почина познатиот хармоникаш Милан Завков
Во 61-та година од животот, ненадејно почина врвниот инструменталист и композитор, првенецот на Танец и долгогодишен раководител на оркестарот, Милан Завков, информираа утрово од Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“.
Завков на сцената има соработувано со многу имиња, а зад него ќе останат над 150 авторски творби, многу трајни снимки и повеќе дискографски изданија, меѓу кои врвните хит-мелодии како “Заиграј со мене”, отпеана од Виолета Томовска, “Камен да беше срцето” и “Свири мајсторе” од Гоце Арнаудов, “Нема друга Македонија” од Војо Стојаноски, “Лична Јовано” и “Лазарополе” од Наум Петрески, “Пат за Стамболград” и “Мораш душо да ме разбереш” од Благица Павловска, како и други создадени за Атина Апостолова, Пепи Бафтировски, Сузана Спасовска, Ленче Кукиќ, Миле Кузмановски, Зуица Лазова, Милица Кузмановска, Ефто Пупиновски.
-Секако, Милан Завков низ годините се истакнува и како солист инструменталист со многу ора и чочеци и се здобива со углед на еден од најдобрите хармоникаши во Македонија, но и на просторите на поранешна Југославија.
Од 2000-та година Милан Завков е вработен во Националниот ансамбл за народни игри и песни “Танец”, како музичар-инструметалист првенец и долгогодишен раководител на оркестарот, со кој остварува бројни концерти и турнеи во земјата и насекаде низ светот, истакнаа од „Танец“.
Дума.мк