ДПА ќе ја победи ДУИ па ќе бара предвремени парламентарни избори!
Ова по средбата со премиерот Никола Груевски го изјави претседателот на партијата Мендух Тачи.
ДПА ќе ја победи ДУИ на локалните избори, со најмалку еден глас повеќе, а претседателот Мендух Тачи ќе бара распишување на предвремени парламентарни избори. Ова го изјави лидерот на ДПА по средбата со премиерот Никола Груевски, која траеше околу половина час, а се случи по покана на премиерот.
Според неговата изјава која ја даде по средбата која предизвика голем интерес во јавноста, тој со премиерот се согласил дека евроинтегративниот процес на земјава треба да биде приоритет за сите партии. Тој откри дека станало збор за претстојните локални избори, за што рече дека Владата е одговорна за изборниот процес „бидејќи располага со сите инструменти за да одржи фер и демократски избори“.
„Го потсетив премиерот дека поминаа веќе четири години, а високи челници на ДУИ не се казнети и не се прогласени виновни. Се договоривме изборните штабови технички да комуницираат за да не дојде до судир за време на кампањата“, изјави Тачи по средбата.
Претседателот на ДПА изјави дека со Груевски не разговарале за актуелната политичка ситуација во земјава.
