Протест на СДСМ пред Обвинителството!
Протестираа пратениците од опозицијата денеска пред зградата на Јавното обвинителство и го изразија своето незадоволство од негативното решение на обвинителството за кривичната пријава што тие ја поднесоа за настаните од 24 декември.
„Пред неколку дена бевме информирани дека кривичната пријава која ја поднесовме сите пратеници од опозицијата против претседателот на Собранието, Трајко Велјановски, заради настаните од 24 декември минатата година, се отфрла од страна на Обвинителството. На Обвинителството му беа потребни помалку од три месеци за брзо брзо да го ослободи Трајко Велјановски од одговорност за се она што под негова палка се случуваше во македонското Собрание“, изјави денеска пратеничката Радмила Шеќеринска.
Таа смета дека грубото кршење на Уставот на законите, на Деловникот за работа на Собранието не биле доволен факт за обвинителството со што уште еднаш се покажало дека во Македонија институциите системски се уриваат во функција на партиски цели.
Шекеринска смета дека ваквата одлука на Обвинителството би можела на некој начин да ја преудицира и одлуката што би ја донела независната Комисија за испитување на настаните од 24 декември. Одговарајќи на новинарско прашање, Шекеринска рече:
„Се разбира, затоа што Обвинителството немаше сила дури ни да остави судот да донесе одлука, но факт е дека оваа брзина од страна на обвинителството со светлосна брзина ја донесе својата одлука, како да сака да ја заврши работата на не уште формираната анкетна комисија.“
Во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ стои дека ниту Шекеринска ниту нејзината партија се уште не се одважиле да ја признаат штетата што ја направиле врз меѓународниот углед на Република Македонија./Б.Н