Заев: Носам победнички дух!

Објавено на 3 јуни, 2013 во 19:02

Новиот лидер на СДСМ даде изјава во која соопшти дека неговиот позитивен дух со ветувањето за посветеност во работата се предностите со кои ќе се крши режимот кој е на власт.

– Дозволете уште еднаш само да се заблагодарам на сите делегати на Конгресот, на целото членство на СДСМ и на целата македонска јавност кои придонесоа денеска да се чувствувам навистина горд. Што помина ваков Конгрес на СДСМ, што добивме позитивен одек на самиот старт толку важен за нас и се надевам дека во иднина ќе добиеме шанса од сите да покажеме тоа што го можеме. Инаку, само да потсетам, јас го испорачав моето ветување пред моите социјалдемократи. Носам со себе победнички  дух. Од денеска сум должен да го реализирам тоа свое ветување. Се надевам со сите наши активности коишто ќе претстојат ќе го скршиме режимот на Никола Груевски, со што пред сѐ и над сѐ ќе свртиме внимание кон нашите политики, коишто можеме да ги понудиме на граѓаните на Република Македонија. Прва и примарна задача е да бидеме силна опозиција во државата, а тоа секако дека ќе го постигнеме – рече Заев.

Тој истакна дека составот на новиот Извршен одбор на СДСМ ќе биде внимателно избран во консултација со базата на партијата.

– Јас знам дека тоа сакам да го направам најбрзо што можам. Сум човек којшто се консултира. Значи, заедно со веќе избраните Централен Одбор и Надзорен Одбор на партијата ќе ги направиме сите средби и состаноци, за да извлечеме максимално квалитетен тим, а при тоа да ни биде целосно на располагање на партијата. Датумот не би требало да помине 30 јуни. Имаме цел месец пред себе, но ако е тоа можно порано – и порано ќе го направам. Се работи за Извршниот Одбор на партијата како највисок извршен орган на партијата, како и потпретседателите, генералниот секретар, организациони секретари, односно најважните позиции во СДСМ, – рече Заев.

Во врска со заминувањето на неговиот против кандидат Зоран Јовановски од партијата, новиот лидер на СДСМ, истакна дека  ја почитува таквата одлука како личен чин.

Зоран е драгоцен експерт во партијата, познавач на економските прилики во Република Македонија. Сум среќен што останува секогаш на располагање на СДСМ за сите негови експертски мислења, согледувања и на луѓето кои стојат околу него, – додаде Заев.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.