Опозицијата во Собрание како една пратеничка група со координатор Горан Сугаревски

Објавено на 25 август, 2015 во 14:25

Опозицијата е на подготовка во Берово за она што ја очекува од наредната недела кога после година и половина од изборот ќе седнат во пратеничките фотељи, пишува Плусинфо. Како треба да изгледа јавниот настап, но и кои ќе бидат прашањата што тие ќе ги отворат за дискусија, се темите околу кои се дискутирало овие два дена. Покрај тоа, како што неофицијално дознаваме, се разгледувал предлогот сите партии од коалицијата да настапат како една пратеничка група, чиј координатор според предлогот треба да биде Горан Сугаревски.

Горан Мисовски, Хари Локвенец, Марјанчо Николов, Јагода Шехтанска и Панче Орцев се имињата на пратениците што, според предложеното, треба да застанат на чело на собраниските комисии.

Пратениците велат дека подготовката што ја имале овие два дена, како и онаа што се одржала на крајот на јули, им била корисна.

– Подготовката се прави за да може пратениците подобро да одговорат на предизвиците пред кои ќе бидат исправени во наредниот период, во кој клучно ќе биде да се имплементира договорот од Пржино. Разговаравме и за конкретни законски измени кои ќе ги покренеме по враќањето во Собранието, а кои произлегуваат од актуелни проблеми на граѓаните – вели Горан Милевски од ЛДП.

На овие подготовки пратениците добиле корисни совети за тоа како треба да изгледа јавениот настап, информации за собраниските процедури, носењето на законските и другите правни акти. СДСМ овие обуки ги организира во соработка со американскиот Национален институт за демократија.

Горан Мисовски од НСДП, е еден од неколкуте пратенци кои веќе имаат пратенички стаж. Тој вели дека е изненаден од потенцијалот на неговите колеги кои немаат зад себе политичко искуство. Лидерот на СДСМ Зоран Заев беше критикуван поради тоа што од пратеничките листи на последните избори ги тргна добро познатите имиња и на нивно место стави лица тотално непознати за јавноста..

– Овие подготовки се навистина продуктивни и пријатно сум изненаден од потенцијалот и капацитетот на новите пратеници. Да бидам искрен, тешко ќе им биде на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да победат со аргументи во дебата што ќе се води во парламентот – истакнува Мисовски.

Тој потврдува дека според предлогот што се разгледувал, треба да ја води Комисијата за надзор на спроведување на следењето на комуникациите, што во претходниот парламентарен состав ја водеше неговиот сопартиец Тито Петковски. Иако на собранискиот сајт не е пополнето името на претседателот на ова работно тело, сепак, после извештајот на Прибе на оваа функција беше назначен пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Павле Саздов. Сега веројатно ова ќе треба ова да се промени.

Според предложеното решение, пратеничката Шехтанска ќе ја води Комисијата за здравство, Марјанчо Николовски за финансии, Панче Орцев за земјоделство, Хари Локвенец за контрола на УБК и ДБК, координатор на целата пратеничка група ќе биде Горан Сугаревски. За овој предлог да стане официјален треба да помине на извршните комитети во партиите.

Кој ќе биде заменик претседател засега не се открива, а како кандидат за оваа позиција се споменуваше професорката Рената Десковска.

Во понеделник пратениците ќе имаат уште една работна средба на која ќе треба да се запознаат со Парламентарниот институт, посебна организациска единица во Собранието, која на пратениците им обезбедува стручни анализи и истражувања. Засега е познато и дека пратениците од опозицијата ќе ги опслужуваат шест асистенти.

Текстот во целост прочитај го тука.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.