Ванхауте на партиите им дал нов закон за надлежностите на министрите

Објавено на 29 октомври, 2015 во 11:46

Олеснувачот во преговорите на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино, Питер Ванхауте, доставил нов предлог-закон за надлежностите на министрите и на замениците-министри во новата заедничка влада. Предлогот бил сублимат од досегашните разговори на партиите, а, пред сè, се однесува на ингеренциите што треба да ги има новиот министер за внатрешни работи, пишува Локално.

Се дознава дека по овој предлог вчера партиите имале внатрепартиски консултации и билатерални средби.

Сè уште не се знае дали ќе има средба на работните групи. Преговорите во нив се закочени веќе една недела откако не се најде решение за ингеренциите на новите министри и заменици. СДСМ бара нивните министри да имаат овластувања како и другите, додека ВМРО-ДПМНЕ смета дека тие треба да имаат техничка улога.

Прашањето за изборот на другите обвинители во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, исто така, е со статус кво.

Претседателот на Советот на обвинители вчера рече дека нема ништо по ова прашање, затоа што обемот на работата на специјалното обвинителство сè уште е ист.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.