Карбинци: Ќе го вратиме достоинството на оризопроизводителите, порача Шекеринска
Предлог мерките од програмата на СДСМ, денеска, беа промовирани во штипско. Тимот предводен од заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, имаше средби со жителите на Карбинци и посети голем број на домаќинства во околните населени места Крупиште и Таринци.
Локалното население, кое претежно се занимава со земјоделие и производство на ориз, се пожали на катастрофалниот принос од оваа земјоделска култура во изминатите неколку години, пред се поради неодговорното однесување на надлежните институции кон нив.
Конкретно, поради ненавременото пуштање на вода, која наместо на 20 април, е пуштена на 20 мај и е основна за сеење на оваа житна култура, производителите на ориз се соочуваат со загуби поголеми од 50 отсто.
– Предлог мерките од програмата на СДСМ ќе го вратат достоинството на производителите на ориз и ќе го покренат развојот на земјоделството. Земјоделската политика на СДСМ ќе биде насочена кон правична, целосна и навремена исплата на субвенциите за земјоделците – им вети Шекеринска.