Кекеновски обзнани номинација за претседателски кандидат

Објавено на 13 декември, 2013 во 15:17

Веќе доцниме за да се направи вистински избор, но подобро некогаш, отколку никогаш.Вака, симболично, во 12 часот и 5 минути, професорот Јове Кекеновски ја најави својата кандидатура за претседател на државата , на претстојната конвенција на ВМРО ДПМНЕ.Себеси се оцени како чесен, човечен, трудољубив, посветен кон семејството и татковината. Убеден е дека има шанси да биде прифатен за кандидат од владејачката партија, јави Телма.

-Јас неколкупати имав различни ставови од мојата партија, дури некогаш и критички, но јас повеќе сум лојален на државата, отколку на партиски авторитети, но тоа не е причина мојата кандидатура да биде одбиена, рече  Кекеновски. Тој смета дека кандидатот ќе има поголем легитимитет доколку се избира на внатрепартиски избори, отколку на  конвенција каде делегатите може да гласаат и под  нечиј притисок. Со промоција, три месеци пред конвенцијата, им фрла ракавица и на останатите кандидати.

-Им давам шанса и тие да излезат со своите програми, да ги соочиме аргументите, а не да собираат гласови со умилкување на партиските авторитети, рече Кекеновски. Вели дека, доколку биде избран, ќе се обиде да ја смени сликата за оваа функција.

-Ќе се залагам за дистинкција меѓу извршната власт и претседателот, нема да дозволам тој да биде достоинствена церемонијална личност, без да ги користи своите ингеренции, вели тој.

Во однос на програмата,најави дека ќе се залага за зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет на државата, за тоа сите да бидеме Македонци по род и државјанство, да не се води паралелна надворешна политика, дипломатијата да биде професионална, ставот за проблемот со името да биде заеднички, а преговорите да се водат транспарентно .

На промоцијата беа присутни лица од Унијата на ветерани на ВМРО ДПМНЕ, но никој од актуелното раководство на партијата. Денеска не сакаа ниту да ја коментираат најавената кандидатура. Освен Кекеновски, досега кандидатура најави и претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов. Партиите се уште јавно не ги објавуваат своите кандидати, велејќи дека прават анализи.

-Правиме длабоки анализи и очекуваме до крајот на годината да го минимизираме бројот на кандидати, а партиските органи ќе одлучат кој е најсоодветен, изјави    претседателот на СДСМ, Зоран Заев. И од ВМРОДПМНЕ до сега нема никакви сигнали кој ќе биде нивен кандидат на претседателските избори кои се за три месеци,иако во јавноста се вртеа неколку имиња.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.