СДСМ: Порталот „Курир“ сака заедничкиот имот да го престави како имот на Заев
Порталот „Курир“ со класични манипулации настојува да го оцрни јавниот настап на Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во интервју за Македонската радио телевизија, порачува СДСМ.
„Имотниот лист на Претседателот Заев е јавно достапен и од истиот може многу лесно да се воочи манипулацијата на „Курир“. Од имотниот лист евидентно е дека имотот на Претседателот Заев и неговата сопруга е едно а сосема друго е заедничкиот имот со неговите родители, за кој „Курир“ сака да го претстави како имот на Зоран Заев.
Власта стравува од засилените активности на СДСМ на сите нивоа и од зачестените јавни настапи на Претседателот Зоран Заев за кои има позитивни реакции помеѓу граѓаните.
Зоран Заев не се појавува само на нарачани интервјуа како Никола Груевски и за разлика од Премиерот, подготвен е да одговори на сите поставени прашања“, се вели во партиската реакција.
СДСМ вели оти е очигледно дека „во веќе видениот стил, сите провладини медиуми добиле партиска задача тенденциозно и манипулативно да пренесуваат делови од интервјуто на Претседателот Заев и да ја искривуваат вистината“.