Продолжува штрајкот во образованието, во градинките ставен во мирување
Објавено на 27 април, 2022 во 09:58
Продолжува штрајкот на вработените во основното и средното образование, но од денес градинките пак примаат деца. Синдикатот на образованието, науката и културата останува на своите барања за зголемување на платите од 18,4% и вчера не ја прифати понудата на владата за зголемување на платите за 12 отсто.
Од вкупно 480 синдикални организации, 388 вчера се изјаснија за продолжување на штрајкот. Во однос на градинките, Советот на СОНК одлучил штрајкот во градинките да биде во мирување, соопштија од Синдикатот.
Советот на СОНК вчера донесе одлука дека штрајкот продолжува се додека не се најде заедничко решение, информираше претседателот на СОНК, Јаким Неделков и најави дека во среда на 4-ти мај ќе се одржи и голем протест пред Владата.