Во Бугарија, парламентарните избори под тензија поради манипулација со гласачкиот материјал!

Објавено на 12 мај, 2013 во 14:48

Граѓаните на Бугарија денеска гласаат на вонредните парламентарни избори од кои се очекува да ја трасираат насоката во која ќе се движи најсиромашната членка на ЕУ. Своето право на глас ќе го искористат близу 7 милиони Бугари.

Изборите се одржуваат во сенка на скандалот откриен вчера  кој предизвика силни тензии во бугарската јавност, пренесоа бугарските медиуми. Полицијата заплени 350 илјади нелегални гласачки ливчиња направени во печатница во сопственост на човек близок до Конзервативната партија ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов, чија оставка во февруари беше поводот за закажување на вонредни избори. Опозцијата во Бугарија, предводена од социјалистичката партија, веднаш обвини дека не сцена е изборен фалсификат, додека печатницата тврди дека печатењето на вишок материјал е нормална работа, дека тој се чува до крајот на гласањето и потоа се уништува.

– „Дали има или нема сценарија, какви и да се тие, дали за дестабилизација на државата, дали за ослабување на демократските институции или за непризнавање на изборите – верувајте нема да успеат ако народот масовно излезе на гласање,“ – рече претседателот на Бугарија Росен Плевнелиев.

Анкетите покажуваат и дека одѕивот на изборите ќе биде меѓу 55 и 60 проценти.

Во голема мерка валканата предизборна кампања мина во сенка на аферата на прислушување на повеќе водечки политичари од страна на безбедносните служби во последниве неколку години, како и со шесте случаи на самозапалувања, од кои три беа проследени со истакнување на политички барања, а при другите три како мотив беа наведени очајот и сиромаштијата.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.