Рекордно високи температури во рускиот град Норилск
Објавено на 22 јули, 2013 во 22:28
Во овој град кој се наоѓа позади поларниот круг денеска е измерена рекордно висока температура од 32 степени Целзиусови што е за 0,1 степен повеќе од претходниот рекорд, измерен во 1979 година.
Според прогнозите на метеоролозите горештината во тој град во Краснојарската област, во западен Сибир, ќе трае и во наредните неколку дена, пренесоа руски медиуми.
Во Норилск е карактеристична крајно суровата субарктичка клима. Тој е еден од најладните градови на светот, поладен и од Мурманск, кој се наоѓа на приближно иста географска ширина.
Зимата во тој регион е долга и ладна со просечна температура во јануари од минус 40 степени Целзиусови. Мразот во Норилск, еден од најсеверните градови на светот, трае 280 дена во годината.
