Србија доби милијарда долари од Обединетите Арапски Емирати
Српскиот премиер Александар Вучиќ соопшти денеска дека на Србија и е уплатена милијарда долари помош од Обединети Арапски Емирати како помош за буџетот и благодарение на тоа Србија до март нема да има проблем со ликвидноста, јави Танјуг.
Вучиќ рече дека ќе биде сторено се за да во 2015 и 2016 година да се намали трендот на задолжување на Србија.
Тој потсети дека српската Влада во претходните 110 дена зацртала големи планови и оти многу од тоа е реализирано.
– Сакаме Србија да биде поуспешна, понапредна и модерна земја. Нашата земја била и натаму е во многу тешка ситуација и поради тоа ги почнавме неопходните реформи. Донесовме закони за работа и пензиско осигурување, приватизација, но и сет медиумски закони усогласени со ЕУ и по стандардите и по принципите, рече Вучиќ.
Според него, целта на Владата е да создаде најдобра инвестициска клима.
