УНИЦЕФ: Во Македонија е намалена довербата во редовните вакцини за деца
Глобалниот извештај на УНИЦЕФ за состојбата со вакцинацијата кај децата нотира „Довербата во вакцините што се примаат во детството се намалува ширум Европа и Централна Азија, вклучително и во Северна Македонија“
Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Кригистан го делат второто место на негативната ранг листа на земји според бројот на деца со „нула дози“, покажува Извештајот „Состојбата на децата во светот во 2023: Вакцинација за секое дете“ на УНИЦЕФ.
Од УНИЦЕФ велат дека од почетокот на пандемијата намалена е перцепцијата на јавноста за важноста од рутинска вакцинација, ова го покажува новата анализа на податоци за 55 земји од светот – од кои 29 се наоѓаат во Европа и Централна Азија, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Како последица, 67 милиони деца на светско ниво не беа рутински вакцинирани во периодот меѓу 2019 и 2021 година, при што опфатот со вакцинација опадна во 112 земји.
„Иако опфатот со рутинска вакцинација на децата во Северна Македонија порасна во последнава година по пандемијата, она што загрижува е падот на довербата во вакцините кои се даваат во детството. Имунизацијата е една од најзначајните успешни приказни на човештвото. Таа доведе до искоренување на болести како вариола вера и спаси милиони животи од опасни заболувања меѓу кои ќе ги споменам малите сипаници и полиото” – изјави Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјата.
Од УНИЦЕФ додаваат дека на глобално ниво, падот на довербата се случува во време на најголемо континуирано назадување во областа на имунизацијата на децата кое трае последниве 30 години.
-Пандемијата го наруши вакцинирањето на децата речиси насекаде, најмногу заради огромните притисоци врз здравствените системи, пренасочувањето на ресурсите за имунизација кон вакцинацијата против КОВИД-19, дефицитот на здравствени работници и карантинските мерки кои им беа наметнати на граѓаните. Како последица, 67 милиони деца на светско ниво не беа рутински вакцинирани во периодот меѓу 2019 и 2021 година, при што опфатот со вакцинација опадна во 112 земји, се вели во соопштението.
За разлика од светските трендови, каде децата кои живеат во најсиромашните и руралните средини се тие кои најчесто не добиваат една или повеќе рутински вакцинации, состојбите во Европа и Централна Азија, вклучително и во Северна Македонија, од УНИЦЕФ потенцираат дека се такви што присуството на деца под една година со „нула дози“ е поголемо во урбаните средини и побогатите домаќинства.
Препораките од Глобалниот извештај потенцираат дека е потребно да се продолжи со идентификување на сите невакцинирани деца и истите да се вакцинираат, особено оние кои пропуштија вакцинации за време на пандемијата на КОВИД-19. Препорачуваат зајакнување на довербата во вакцините и побарувачката, вклучително и преку тесна соработка со локалните заедници со цел решавање на нивните потреби и грижи поврзани со вакцинацијата. Во извештајот се истакнува и давањето приоритет на финансирањето на службите за имунизација и примарната здравствена заштита како и изграбда на отпорни здравствени системи преку инвестирање во здравствените работници.
Дума.мк