Владата одлучува за еколошката такса и за намалување на ДДВ кај струјата
Денеска министрите на владина седница треба да донесат одлуки и за двете законски решенија – тоа за новиот зелен данок, но и за намалување на ДДВ-то за електричната енергијата од 18 на 5 проценти.
„Две мерки треба да се разгледаат на седница на Владата и да се одлучи. Првата е за ДДВ-то за домаќинствата, од 18 на 5% за една година, наредната да биде 10% и третата година се враќа на 18%. Ова треба да помогне при транзитот на либерализацијата на пазарот на електрична енергија кај домаќинствата“, изјави министерот за финансии, Фатмир Бесими
Во однос на еколошката такса, тој потенцира дека се однесува на закон во надлежност на Министерството за животна средина.
„Зголемувањето на износот што веќе постои како законско решение, е со цел да се поддржат проекти што значат поддршка на нашата животна средина и зелената агенда. Тоа значи поквалитетен живот за идните генерации“, додаде Бесими и укажа дека Владата не планира да се повлече за еколошката такса.
И покрај жестоките реакции на сите бизнис комори, но и на јавноста, дека новиот зелен данок ќе удри по стопанството, но и по стандардот на граѓаните, министерот Бесими вели дека планот е тој да почне да се собира од 1 јули.