Во Нови Пазар се одржува работна акција исто како во СФРЈугославијa, Титовата внука во стројот
11.06.2020
Оваа година младинската работна акција „Нови Пазар 2020“, поради коронавирусот, нема меѓународен карактер, но тоа не го намали значењето и убавината на оваа манифестација. Со свечен собир на бригадирите акцијата почна, а на неа годинава учествуваат повеќе од стотина акцијаши, пишува српски „Информер“.
Учество на МРА Нови Пазар 2020 зеде и внуката на Јосип Броз Тито, Златица Броз. На отворањето таа рече дека и’ е голема чест што по многу години, има можност повторно да го доживее духот на некогашните акции и на некогашната земја.
„Мило ми е што овде има и ветерани, како и многу млади луѓе. Ова е прилика за убаво дружење, но и да се покаже соживотот каков што го има на овие простори“, рече Златица Броз, внука на Јосип Броз Тито.
Според утврдениот план, бригадирите и бригадирките работат на повеќе локации во Нови Пазар, а вечерта се запознаваат и другаруваат, организиран е богат културно-забавен живот, а, како што изјавила Нејра Шкријељ, командант на акцијата, има и одлична бригадарска храна. Првиот ден бил резервиран за акцијашки грав.