Почина легендарниот актер Бад Спенсер
Италијанскиот актер Карло Педерсоли, познат под уметничкото име Бад Спенсер почина вчера на 86-годишна возраст, италијанските медиуми го пренесоа соопштението на неговото семејство.
– Тато почина денес во 18.15 часот во целосен мир. Не страдаше, а целото семејство беше покрај него. Неговите последни зборови беа „Ви благодарам“ – изјавил неговиот син Џозеф Педерсоли.
Веста за неговата смрт беше објавена и на неговата официјална страница на Фејсбук, каде се наведува дека Бад Спенсер „го лета своето последно патување“. Неговите фанови почнаа да оставаат проштални пораки на социјалните мрежи.
Бад Спенсер е роден на 31 октомври 1929 година во Неапол. Тој беше најпознат по улогите во шпагети-вестерн филмовите кои беа популарни во 1970-тите години, а честопати се појавуваше со својот филмски партнер Теренс Хил.
Популарното дуо во текот на годините се појави заедно во повеќе од 20 филмови кои понекогаш и самите ги продуцирале и режирале.
– Теренс ми е како брат, а браќата понекогаш не се сложуваат и можат еден на друг да си одат на нерви. Тоа е видливо во нашите филмови, но знае дека секогаш може да се потпре на мене како и јас на него. Сакаме да работиме заедно па веројатно и затоа снимивме толку заеднички филмови – изјавил спенсер во едно од своите интервјуа.
Спенсер својата кариера не ја започнал како актер туку првин бил професионален пливач, а е првиот Италијанец кој испливал 100 метри слободен стил за помлаку од една минута. Тоа му пошло за рака во 1959 година, а конечното време 59,5 секунди.
На Медитеранските игри во 1951 година освоил сребрен медал во таа дисциплина. Година дена подоцна учествувал на Летните олимписки игри во Хелсинки и тогаш дотуркал до финалето. Тој се занимавал и со ватерполо, но неговата пливачка кариера нагло завршила во 1957 година.
Меѓутоа паралелно со спортот, Спенсер се обидел и во актерските води. Тој првин имал мали улоги, сè до 1960-тите години. Својот иден филмски партнер Теренс Хил или Марио Џироти го запознал во 1959 година на сетот на „Ханибал“.
Сепак, „вистинскиот филм“ бил шпагети-вестернот „God Forgives… I Don’t!“ на Џузепе Колизи од 1967 година, кога за да се приближат до американскиот пазар, своите имиња за првпат ги промениле во Бад Спенсер и Теренс Хил.
Спенсер беше голема ѕвезда во Европа, но популарноста почна да му опаѓа во текот на 1980-тите, а до 1990-тите Спенсер комплетно се префрли на телевизија каде најпопуларна му е улогата во акциониот филм „Extralarge“.
– Во животот не сум бил само три работи – балетан, џокеј и политичар. Со оглед на тоа што првите две професии не доаѓаат во обѕир, ќе се фрлам во политика – изјавил актерот во 2005 година кога и се приклучил на партијата на Силвио Берлускони „Форца Италија“, но таа епизода завршила неславно и многумина му замериле што воопшто допуштил „шоубиз политиката“ да му го наруши угледот.
Првиот голем успех го има забележано во филмот „They Call Me Trinity“, а во текот на неговата неколкудецениска кариера Спенсер играл во повеќе од 70 филмови.
Спенсер во 1960 година се оженил со Марија Амато, а заедно имале три деца.
Извор: Плусинфо.мк
