Драган Мијалковски е нов уметнички директор на Макфест
Драган Мијалковски е нов уметнички директор на музичкиот фестивал „Макфест“ што годинава по 28-ми пат ќе се одржи во Штип. Градоначалникот на општина Штип, Илчо Захариев на вчерашната прес конференција информираше дека на Мијалковски му е доделена одговорната задача, а дека сите подготовки околу утврдување на организацискиот одбор кој што ќе го реализира фестивалот се во тек.
„Со својот ангажман во музиката, мислам дека Мијалковски е вистински избор и пред сè гаранција дека ќе имаме убави музички композиции кои ќе бидат препознатливи, кои ќе ја вратат убавината на фестивалот, шлагерските ноти и кои ќе бидат присутни на сите радио и ТВ станици. Што се однесува до преносот на фестивалот, сè уште не е одлучено. Оставаме простор за тоа да се договориме, но најважно од сè е да направиме одличен фестивал.“ – изјави Захариев.
За оваа намена, Општината ќе одвои 3 милиони денари, а градоначалникот веќе е во преговори со потенцијални партнери, донатори кои ќе го помогнат фестивалот.
Во тек е и конкурсот, според кој фестивалот ќе се оддржи на 11-ти и 12-ти октомври. Првата вечер ќе бидат исполнети 20 композиции од кои 10 ќе влезат во финале, а втората вечер покрај овие 10, ќе биде надополнета со уште 10 песни од познати автори, што значи на финалето ќе бидат изведени 20 песни: „Оваа година нема посебна дебитантска вечер, но тоа не значи дека во тие песни од првата вечер нема да има изведувач кој за прв пат ќе настапи на фестивалот“ – напомена Захариев.
Извор: Макфакс
