Кога „ние“ веќе го нема….

Објавено на 28 август, 2014 во 06:05

Луѓе се колнат на верност. Пронашле свое „второ јас“ во некој друг, па мислат во него ќе им остане за цел живот. Доволен им бил само еден поглед за да му покажат на другиот како се чувствуваат во моментот.

Едниот ќе го заболи – другиот ќе заплаче. Едниот ќе се израдува – другиот ќе потскокнува место него. Момче на девојка ѝ ги симнува на дланка најсјајните ѕвезди од небото во ноќите. Другарка на другарка ѝ е сестрата што никогаш ја немала. Има и други верни врски, се тоа се љубови. Различни начини на сакање – другарски или од оние „љубовните сакања“, има такви љубови кои те возвишуваат, а потоа те спуштаат. Те спуштаат неосетно, не паѓаш наеднаш. Не паѓаш ниско , иако си летнал високо. Не си летнал високо по твоја вина, така те натерала љубовта, таа измамничка што е основен еликсир за живот.

Долгите и непреспиени ноќи стануваат кратки, стануваат сосема обични. Утрата дочекани заедно веќе нема кој да ги дочекува, не е „филмот“ човека сам да го дочека изгрејсонцето. Заедничките тајни веќе ги нема. Тајни постојат и сега, ама секој си има своја посебна, секој си крие нешто и не му го кажува на другиот, зашто другиот веќе му е друг, му станува некој туѓ.

И љубовтта се оттуѓува, полека исчезнува. Добро,  можеби понекогаш не исчезнува засекогаш, остануваат некои симпатии кои си нашле местенце. Се стокмиле во некоја длабочина од срцето…како и да е, се стокмиле, не исчезнале. Тајните остануваат тајни,а љубовта…таа  станува спомен.

И кога  во главата се создава лента со кадри од заедничките мигови, човек не знае дал  да заплаче, дал да се насмевне. Да се соочи со солза со фактот дека љубовта веќе ја снемала, или да се насмевме што таа воопшто постоела. И времето полека но сигурно станува убиец, го убива „ние“. Смртоносно го ранува второто јас. Мостот на патиштата на двајцата што се сакале бавно се срушил. Овде нема омраза, не зборувам за оние љубови кои завршуваат скандалозно.

Знаете, секој од нас има таква љубов што го натерала да поверува во љубовта, таква која ќе ве натера да се подзамислите секогаш кога во животот ќе ви влезе некоја личност што ви станува блиска, таква која ќе ви дозволи да имате само едно јас и истото да го поседувате само вие.  Второто јас веќе еднаш го имал некој друг. Сега го нема, ги има само спомените.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.