Кој е најсончевиот град во Европа?

Најсончевиот град во Европа се наоѓа на југоисточниот брег на Шпанија, каде што сонцето сјае во просек 349 часа во текот на месецот, а просечната месечна температура е 19°C. Станува збор за Аликанте, едно од најубавите летни одморалишта на Коста Бланка, област позната по медитеранските плажи.
Па, доколку некогаш се решите да го посетите градот на сонцето, еве што можете да посетите:
Замокот Санта Барбара или „Castillo de Santa Barbara“
Една од најголемите тврдини во Шпанија, се наоѓа на надморска височина од 166 метри. До него се стигнува на повеќе начини, има бројни пешачки патеки како и лифт кој води до врвот и чини 2,7 евра. Влезот во кулата не се плаќа, но таа е отворена од 10 до 23 часот во текот на летната сезона. Тврдината се состои од три нивоа и тие се наоѓаат на различни висини, а секое ниво претставува историја од различни епохи.
Шеталиштето „Explande de Espagna“
После тврдината можете да шетате по најпознатото шеталиште во Аликанте наречено „Explande de Espagna“. Се состои од 6,5 милиони мермерни плочки во бела, сина и црвена боја. Околу шеталиштето има бројни ресторани и кафулиња, а во некое од нив можете да одморите и да вкусите некое од традиционалните шпански јадења како на пример „arozz de rabo de toro“ или „ориз со бикова опашка“.
Пазар „Mercado Central“
Следното нешто што вреди да се види е пазарот „Mercado Central“. Како и во сите крајбрежни градови,
главната храна е рибата, но можете да уживате и во различни видови овошје, зеленчук, вино, сирење и
деликатеси.
Автентично за Шпанија, она што можете да го пробате на овој пазар е „Iberico“ пршута направена од раса на свињи кои се хранат исклучиво со желади. Се топи во устата. Можете да ја најдете на пазарот како „Pata Negra“ или „Црна шепа“.
Улица на печурки или „Call da Las Setas“
Задолжително прошетајте по најнеобичната улица која се наоѓа во центарот на градот, позната по големите печурки што се издигнуваат од жолто-зелениот тротоар. Вистинското име на оваа улица е Сан Франциско.
А доколку сакате да се разладите можете да ја посетите градската плажа „El Postignute“, која е најпосетувана, а со тоа и не најчиста. Во близина се наоѓа и плажата „Urbanova“, а „Arenales del Sol“ не е далеку од неа.
