Пронајдени остатоци на најголемиот диносаурус во Португалија
Остатоците на најголемиот диносаурус кој некогаш бил пронајден во Европа се откриени во една градина во Португалија, пишува Гардијан.
Ископувањето започна во градината во градот Помбал во 2017 година, кога сопственикот на имотот забележал фрагменти од фосилизирана коска, по што ги контактирал истражувачите од Универзитетот во Лисабон.
На почетокот на овој месец, шпанските и португалските палеонтолози кои работеа на локацијата почнаа да ги откопуваат пршлените и ребрата на, како што мислат, брахиосауридниот сауропод.
Сауроподите биле најголемите од сите диносауруси и најголемите копнени животни што некогаш живееле.
„Не е вообичаено да се најдат сите ребра на животно како ова, а камоли во оваа положба, задржувајќи ја нивната првобитна анатомска положба“, рече Елизабете Малафаја, истражувач на Факултетот за науки на Универзитетот во Лисабон, за Phys.org.
Групата сауропод – која вклучува бронтосаурус и диплодокус – биле тревопасни животни, имале долги вратови и оделе на четири нозе.
Големината на коските пронајдени во градината сугерира дека диносаурусот бил висок 12 метри и долг 25 метри.
Поради природната положба во која е пронајден скелетот, истражувачите се надеваат дека понатамошното ископување може да открие повеќе делови од истиот диносаурус.
Скелетот е пронајден во седиментни карпи од горната јура, што сугерира дека е стар околу 150 милиони години.