„Телеграм“ доби 70 милиони корисници за еден ден
Апликацијата „Телеграм“, специјализирана за испраќање текстуални и мултимедијални пораки, доби повеќе од 70 милиони нови корисници во понеделникот, благодарение на блокадата на „Фејсбук“ и комуникациските услуги како што се „Ватсап“, „Инстаграм“ и „Месинџер“, изјави во вторникот нејзиниот основач – Павел Дуров.
Според „Фејсбук“, блокадата е предизвикана од „погрешна промена на конфигурацијата“, што спречи 3,5 милијарди корисници на нивните услуги да пристапат до апликациите. Проблемот настана поради колапсот на глобалниот систем, кој траеше повеќе од шест часа, пренесе SEEbiz.
Од друга страна, во споменатите шест часа, дневната стапка на раст на „Телеграм“ ги надмина сите очекувања. На својот канал, Дуров „ги пречека бегалците од други платформи“, од кои тој ден имаше над 70 милиони.
Тој додаде дека некои корисници во Северна и Јужна Америка можеби имале помали тешкотии токму затоа што милиони луѓе се приклучиле на „Телеграм“ во исто време, но апликацијата „функционираше добро за повеќето корисници на услугата“.