Зошто треба почесто да патувате ?
Луѓето кои ги трошат парите на концерти, семејни излети и кратки патувања се многу посреќни.
Одморите дефинитивно благотворно влијаат на човековото здравје и се одлична терапија на стресот на кој сите сме изложени во секојдневниот живот. Она во што многумина и сами се увериле го потврдува и новата научна студија на д-р Џесика де Блом. Резултатите покажуваат дека одморот и патувањето, освен релаксација будат и чувство на среќа.
Освен ова, нешто што е посебно интересно е тоа што се покажало дека приватно се многу посреќни оние кои парите ги трошат на концерти, семејни излети и кратки патувања, за разлика од оние кои парите ги трошат купувајќи материјални нешта, како накит, облека или електронски уреди. Научниците дури и заклучиле дека луѓето кои со години не одат на одмор имаат голем ризик да се разболат, дури и да живеат пократко од оние кои редовно патуваат.
При тоа, се покажало дека повеќе кратки одмори благотворно делуваат на човековото здравје, отколку еден долг одмор. А за тоа дали одморот ќе биде успешен, зависи од многу фактори. Целокупното доживување, на пример, може да биде расипано и од нервоза пред патувањето, но и зависи од тоа како ќе ви помине последниот ден од одморот.
„Пакувањето за дома треба да се направи еден ден претходно, а последниот ден да го резервирате за максимално уживање“ – советува д-р Де Блум.
Инаку, се покажало дека оние кои биле поактивни имале чувство дека одморот траел подолго од оние кои само се излежувале на плажа.
Неколку причини зошто да патувате сами ?
Да се биде сам на непозната територија за многумина претставува кошмар. Чувството на изгубеност е непријатно доживување, па оттука патувањето сам во друга држава за многумина не доаѓа предвид. Сепак, еднаш се живее, па излегувањето од вообичаената рутина на патување може да ни донесе награда во вид на авантура која ќе ја паметиме цел живот. Еве пет причини зошто да патувате по светот потполно сами:
1. Имате поголема слобода
Имате апсолутна слобода да одите каде што сакате и да правите што сакате. Доколку вам ви се шета, а вашиот пријател сака да остане во хотелот да спие или вам ви се оди во стариот дел на градот, а вашата пријателка сака да прошета по трговските центри, би било неопходно да направите компромис. Патувајќи сами нема потреба да се договарате со никого за ништо. Имате слобода да си го послушате срцето за секој нареден чекор.
2. Полесно е да запознаете нови пријатели
Ако сте тргнале сами на пат, тоа не значи дека сте се осудиле да поминете денови или недели во комплетна осаменост. Всушност, ретко ќе бидете без луѓе околу вас. Секаде може да сретнете ваши истомисленици кои тргнале сами да го освојуваат светот, а кои со задоволство би ве запознале или би ви се придружиле ако патот ве носи на заедничка дестинација.
Хостелите, пак, се посебна приказна – тие најчесто имаат посебни простории каде што патниците се собираат, се запознаваат и се дружат. Токму овде може да запознаете пријател којшто ќе влијае на вашиот поглед на светот и со којшто ќе останете во контакт цел живот.
3. Го оставате вашиот живот зад вас на одредено време
Иако токму тоа што на некое време ќе останете без вашето семејство, пријатели и колеги, е она што всушност ваквата авантура ја прави неприфатлива за многумина, сепак оставањето на вашиот живот настрана може да делува многу ослободувачки. Сето она што секојдневно ви предизвикувало стрес ќе го снема, ќе немате близок пријател со кој ќе озборувате или ќе зборувате за старите проблеми кои сè уште ве мачат. Така неоптоварени ќе бидете целосно сконцентрирани на новите пријателства, на прекрасните пејзажи, на градските плоштади и на навиките на локалното население, а од вашето патување ќе направите поголема авантура.
4. Подобро ќе се запознаете себеси
Kога ќе се најдете потполно сами на непознат терен, тогаш ќе сфатите дали и колку вие самите сте способни да се справувате со секојдневните проблеми. Ова е тоа што ги одвраќа луѓето од идејата да заминат сами на пат, но бидете храбри и соочете се со непознатото. Проблемите на пат може да изгледаат страшни затоа што се нешто ново и непознато, но всушност не се толку тешки. Откако ќе ги решите, како награда ќе добиете поголема самодоверба.
5. Дома ќе се вратите со поинаков поглед на животот
На претходните причини се надоврзува стекнувањето поинаков поглед на светот. Се разбира, откако ќе ја уживате слободата што ја нуди соло-патувањето, ќе си земете мала пауза од вашиот живот и секојдневната рутина, па подобро ќе се спознаете себеси и ќе запознаете нови пријатели кои ќе влијаат на вас, на крајот, различната перспектива на животот е неизбежен резултат.
Причини зошто паровите да патуваат повеќе?
Ако ви се ближат родендени или годишници или сакате да смислите подарок за некоја прилика или изненадување, размислете за посета на некое необично место кое ќе ви остане во трајна меморија, наместо предмет или облека кои може да ги заборавите или зафрлите.
