Трпејца – бисерот на Охридско езеро
Доколку се уште не сте го посетиле бисерот на преубавото Охридско Езеро, тогаш најискрено ве советуваме што поскоро тоа да го направите.
Трпејца преставува една од најубавите туристички дестинации во земјава, позната уште и како македонскиот Сен Тропе. Е сега, да не претеруваме многу, што и да земеме во Македонија е далеку од Сен Тропе, но ако ни е мерило природната убавина, тогаш Трпејца е на самиот врв, далеку попривлечна дури и од ова познато француско место.
Станува збор за рибарско село на 13 километри одалеченост од центарот на Охрид, на самиот пат од Охрид кон Св. Наум. Селото се наоѓа во подножјето на Галичица, во природна вдлабнатина меѓу карпите на источниот брег на езерото, на надморска височина од 695-750 метри. Се наоѓа на само неколку минути возење од „Заливот на коските“, каде, на еден начин, и завршува охридската ривиера. Но, тука започнува нешто друго.. оној малку поинаков туризам од вообичаената гужва на плажите, поинаков од оној со досадните чадори и лежалки на кои што постојано лежат црнумурестите, досадни туристи…
Во селото живеат многу малку семејства, (одвај нешто повеќе од 200 жители), кои во минатото живееле исклучиво од риболов и сточарството. Селото од минатото до денес, не е многу изменето, односно мештаните го имаат тој непокорен дух, се да остане онака како што било, природната убавина да не се „преуредува“, магијата на местото колку може да му се спротивстави на забот на времето. Тоа е и постигнато, со некои исклучоци, кои сосем пристојно се вклопуваат во амбиентот. Токму како што во шега, вели продавачот и сопственикот на една од неколкуте продавници во Трејца, што се наоѓа на самата удолница:
„Ако направиме подвижни скали, тогаш ова повеќе нема да биде Трпејца.“
Кога ќе стигнете во „атарот“ на селото што се наоѓа на самиот пат кон Свети Наум, најпрво што ќе забележите се неколкуте штали, со по некоја кравичка во нив. Таквата несекојдневна слика ви се меша во погледот заедно со езерото кое пак, со своето познато небесно синило, како да се прелева од удолницата и ненаметливо се вклопува во пејсажот што сега веќе е тука, непосредно пред вас. Да, вие на ова место сте на високо, а за да стигнете до плажата, треба да се спуштите по удолницата, покрај продавниците и паркингот, и да поминете низ поголемиот дел од селото.
А како навлегувате во срцето на ова село, емоциите почнуваат да ве обземаат се повеќе и повеќе. Тонете во еден благопријатен неспокој, нешто што не може да го доживеете на ниту едно друго место.
Каде да се сместите
Плажата е од ситен бел камен и се протега на некои 200-на метри покрај езерото, кое тука е сосема проѕирно и во кое се огледуваат белите каменчиња, кaко некоја боженствена сила, низ вековите, со бесконечно трпение да ги редила во водата. На самата плажа се наоѓаат неколку вили кои имаат соби за изнајмување и кои се во сопственост на прегостољубивите Трпејчани. Доклку се сместите во некоја од нив, вие буквално ќе уживате во сите убавини што може да ви ги понуди Охридското езерото кога постојано се наоѓате на само 3-4 метри од него. Преку ден, од дворот, вие всушност сте на самата плажа, заедно со сите преостанати туристи. Тие најчесто се гости кои веќе со години доаѓаат тука, на истото место. Ноќе пак, вие повторно сте покрај самата плажа, каде ќе битеде 100% релаксирани од тивкиот, немирен шум на брановите. Тие, за целото време на вашиот престој на ова волшебно и преубаво место, не престануваат да се слушаат, а за нив трпејчани ќе ви речат – „па како што вие не ја слушате бучавата од автомобилите во градовите, така и ние не ги слушаме брановите“.
Но, доколку решите да тргнете во Трпејца ненајавени, без претходно да резервирате некое место каде што ќе престојувате, воопшто не очајуајте доколку не можете да најдете сместување покрај самата плажа (ова најчесто и се случува доколку на време не резервирате кај некои од сопствениците на тие куќи!) Запомнете дека сите приватни куќи кои изнајмуваат соби во Трпејца имаат свој особен шмек, речиси да нема место од каде нема да го гледате езерото, а најодалечената точка од плажата е на 5 минути. Значи, без разлика каде сте сместени, вие сте во самото срце на местото кое што слободно можете да го викате бисерот на Охридското Езеро
Каде да појадувате
Во Трпејца, покрај самата плажа има неколку интересни ресторани, секој познат по својот специјалитет. Па така, тука се наоѓа стариот рибен ресторан „Рибарот“, каде можете да појадувате прекрасна риба (за жал Охридската пастрамка не е на менито!), потоа пицеријата „Уно“, во која додека се топите со преубавиот вкус од пицита, вие можете да уживате и во езерото, кое срамежливо се подава, одзади смоквините листови на преубавата тераса…
Каде и да седнете, нема да погрешите, а што се однесува до цените, тие се доста поевтини од Охрид, па дури и од многу места во Скопје. Една капричиоза во „Уно“ е од 170 и 250 денари, додека рибата, на пр. во Сент Тропез (уште еден преубав ресторан на самата плажа!), е околу 1400 денари.
Што да правите
Трпејца е идеално место доколку сакате да се одморите, поголемот дел од денот да го поминете на самата плажа, ручокот да го направите на скара онаму каде што сте сместени, да испиете некое пивце и повторно да се вратите на вашите крпи кои нетрпеливо ве чекаат испружени врз каменчињата на плажата. (Инаку, во Трпејца не постојат столчиња за плаќање, а чадорите најчесто ги добивате бесплатно од самите сопственици каде што сте сместени или пак, едноставно – немате чадор).. Па вие целото време сте во непосредна близина на плажата, тука и да сакате не може да биде поинаку. Но, доколку сакате да се прошетата, да направите некаква екскурзија, тогаш постојат неколку работи кои што можете да ги направите кога сте веќе тука, на овој дел од Охридското Езеро.
Св. Богородица Заумска е црква кое се наоѓа во непосредна близина на Трпејца и доколку замолите било кој од рибарите, тие можат со кајче да ве однесат до таму. Според зачуваниот запис на самата црква, таа е подигната и насликана во 1361 година од ќесарот Гргур за време на деволскиот епископ Григорие. Потоа, на некои 8 километри од тука, се наоѓа Св. Наум, место за кое што најдобро е да одвоите еден цел ден за да го разгледате. И секако, не заборавајте дека на Свети Наум има преубави ресторани, со прекрасно опкружување, каде што можете да ручате и потоа повторно да продолжите со разгледувањето.
Од пред извесен период пуштен е и „Заливот на коските“, музеј и праисториска наколна населба на отворено, која исто така се наоѓа во непосредна близина на Трпејца и каде можете убаво да си поминете. Откако ќе ги посетите овие неколку места кои што ви се во близина, тогаш ви останува уште да отидете на прошетка во Охрид и Струга и да уживате во сите оние нешта што ви ги нудат овие преубави македонски градови.
