Инфекција со херпес преку лето
Најмногу во овој дел од од годината, многу често се случува инфекцијата со вирусот Herpes simplex тип 1. Овој вирус е многу распространет и еднаш кога ќе влезе во организмот останува во него.
Појавата на болни меурчиња на усните на возрасните и кај постарите деца многу често се нарекува треска и ја следат фебрилни состојби што ги предизвикала некоја друга болест, но најчесто нивното појавување е последица на стресот и преморот.
Доенчето или малото дете при првата средба со овој вирус (примоинфекција) против кој нема никаков имунитет, реагира со многу бурни симптоми и најчесто нејасната висока температура, истоштеноста, одбивањето да јаде и течење од носот претходат на појавата на болните меурчиња на слузницата од устата.
Stomatitis ulcerosa herpetica, односно воспалението на слузницата на устата со појава на болни ранички е клиничката слика на инфекцијата со вирусот Herpes simplex тип 1. Болеста трае 14 дена. Откако детето ќе ја преболи оваа тешка инфекција, вирусот притаено останува во неговиот организам (нервните јазли, ганглиите), подготвен да се појави кога ќе се создадат за него погодни околности. А една од нив е изложувањето на сончевите зраци.
Ултравиолетовите зраци на сончевиот спектар на некој начин го стимулираат централниот нервен систем (мозокот и ‘рбетниот мозок) и на некој нејасен начин го “будат” вирусот кој се наоѓа во нервните ганглии, по што како последица се јавува треската најчесто на усните (herpes labialis), но кај децата не е невообичаено меурчињата да избијат и на носот и на образите.
Единственото ефектно лекување е примената на маст која содржи Acyclovir (лек кој дава резултати против вирусот Herpes simplex- Virolex). Најдоброто дејствување на лекот е видливо ако се примени веднаш по појавата на првите симптоми, а се мачка по неколку пати дневно (4-5 пати). Не смее да се нанесува со вата, туку болното место треба да се мачка со стаклено или пластично стапче. Може да се користи уште од најрана возраст.
