Петстотини граѓани, планинари и холандскиот амбасадор Пломб го искачуваа врвот Клепа, кај Градско
Со учество на 500 вљубеници во природата, најголем дел од нив планинари, денеска, сабота 10 февруари, се одржа еднодневното традиционално зимско искачување на врвот Клепа во општина Градско. Него не го пропушти амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија Н.Е. Вилем Воутер Пломп. Сончевото време и температурата, што иако е зима наликуваше на време на рана пролет, придонесоа искачувањето да ја оствари целта, рече Градоначалникот Роберт Бешовски.
– Со акцијата го промовираме малку качуваниот врв Клепа, со надморска висина од 1150 метри, и ги поттикнуваме граѓаните во овој реон за движење низ планина. Во исто време манифестираме соработка помеѓу планинарските клубови и друштва. Ако лани во зимското искачување на Клепа учествуваа над 350 годинава учесници беа 500 планинари и граѓани. Тоа ни дава и мене и на мојот колега, градоначалникот на Општина Росоман Бранко Јанев уште поголем елан и посветеност во делот на организацијата и секако, вгодина да пречекаме уште поголем број на учесници на планинарскиот марш, рече Бешовски.
Двете општини, во централниот дел на државата, се организатори на еднодневното традиционално зимско искачување на врвот Клепа.
Тоа започна во 9 часот кај брана на Подлешко езеро за планинарите и граѓаните кој дојдоа од страната на Градско и ја чекаа групата од правец на село Сирково, која тргна утринава во 7 часот движејќи се по сртот до езерото за потоа заедно да се упатат кон врв Клепа. Со нив се искачуваше и Н.Е. Вилем Воутер Пломп. Патеката беше долга 18 км и заврши со заеднички ручек обезбеден од двете соседни општини во дворот на манастирот „Свети Архангел“. Манастирот се наоѓа помеѓу селата Горно и Долно Чичево, на надморска висина од 410 метри.
Освен Општина Градско и општина Росоман во организацијата на искачувањето се вклучија и две граѓански организации поточно ЕГ „Грин Пауер“ од Велес и Планинарски предизвик „12 врвови“.
Зимското искачување на Клепа привлече граѓани и планинари како од двете општини така и од Велес и од Скопје./У.Ј