„Еуро никел индустри“ продолжува со инвестиции: Ставена во функција втората печка
„Од безнадежен случај, кој претставувал опасност за сериозна економска криза во земјава денеска Еуроникел е повторно значаен субјект за економијата“ – ова меѓу другото беше истакнато на денешната свеченост во кругот на фабриката по повод ставањето во функција на втората печка. Со инвестиција од 15 милиони евра за втората производна линија, овој кавадаречки комбинат продолжува да го зголемува производството.
„Стечајната постапка во ФЕНИ, денеска Еуроникел Индустри, не само што е најуспешна постапка во нашата историја, со расчистени долгови кон сите доверители, вклучително и кон вработените, туку денеска е компанија која со извоз од 200.000.000 милиони евра, учествува со 1,8% во вкупниот БДП на државата, и исплатува за 30% повисоки плати од просекот на своите работници. Со новата производствена линија, инвестиција вредна 15 милиони евра која ја пуштаме во работа денеска, Еуроникел Индустри од Кавадарци идната година планира извоз на фероникел во вредност од 300 до 320 милиони евра, што е еднакво на 2,7% учество во домашниот БДП, што е неверојатно остварување кога се очекува годишната вредност на нашиот БДП да достигне блиску 4%“, нагласи премиерот Зоран Заев во Кавадарци.
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев потенцираше дека инвестицијата на швајцарскиот инвестициски фонд ГСОЛ во компанијата Еуроникел е особено важна за регионот, за државата, но пред се за вработените и нивните семејства. Тој потсети дека пред само 2 години, поради несериозниот пристап на претходниот менаџмент и неодговорноста на претходната Влада, постоеше голем ризик оваа фабрика да биде историја.
„Пред само 2 години имавме еден безнадежен случај којшто претставуваше опасност да се претвори во една сериозна криза на економијата во државата и тоа не само за вработените и за регионот, туку и за целата држава зафаќајќи го банкарскиот сектор и сите останати доверители. Долговите на тогашната компанија Фени Индустри изнесуваа над 70 милиона евра и тоа претставуваше една сериозна опасност којашто беше предизвикана од неодговорно водење на компанијата и од страна на менаџментот, но за жал и од страна на државата тогаш. Мислам дека сите институции во државата изреагираа на начин на којшто треба, вклучувајќи ги сите институции кои беа вклучени во акцијата на зачувување на овој комбинат и денеска сме на оваа точка на која се наоѓаме, а тоа е да зборуваме за функционална, профитабилна фабрика и за фабрика со иднина. Со еден одговорен пристап, пред се на доверителите, на судот, на стечајниот управител и на сите други институции коишто беа вклучени во ова, ценам дека се дојде до денешната точка којашто мислам дека треба да биде еден добар пример, дека во нашата држава може да се направи позитивен стечај со реорганизација кадешто доверителите ќе бидат 100% исплатени“, нагласи Анѓушев.
За работењето во изминатата година, низ бројки говореше директорот Герасим Кујунџиев. Се осврна на постигнатите рекорди на фабриката од 1500 тони месечно поризводство на феро никел„За помалку една година успеавме да ја ремонтираме и првата печка, при шпто имплементриавме нови и подобрени техники и решенија, а со пуштањето на втората печка го завршивме инвестицискиот план за 2019 година“ рече Кујунџиев и додаде дека за следната година планираат производство од над 20 илјади тони никел, наменети за извоз.
Ангел Данов