(ФОТО) Експлозија на бојлер на плин нанесе изгореници на велешанец, демолираше двособен стан,влез на зграда и стакла на паркирани возила во Велес
11.10.2020
Четириесет и осум годишен велешанец се здоби со изгореници, од прв и од втор степен, на лицето и рацете како и повеќе рани од кои една е хирушки обработена во експлозијата што неколку минути по полноќ ја предизвика бојлер на плин во стан во популарно наречената „Топилничарска зграда“ кај основното училиште „Васил Главинов“. Тој е потешко повреден но е е надвор од животна опасност.
-Пациентот на возраст од 48 години е надвор од животна опасност. Примен е во болница со изгореници на лицето и надлактиците како и рани од кои една е обработена. Изгорениците се од прв и втор степен. По укажаната помош тој е примен на болничко лекување и е под постојан надзор на специјалистите по хирушки болести, рече др Весна Николовска Неделкова портпарол на Општа болница Велес.
Експлозијата е пријавена во МВР од каде соопштија дека се случила во 00:17 часот.
„На 11.10.2020 во 00.17 часот во СВР Велес било пријавено дека во станот на К.Б.(48) на улица „Христо Татарчев“ во Велес настанала експлозија од неисправна плинска инсталација. Притоа, предизвикана е материјална штета во станот, зградата и паркираните возила пред зградата, а сопственикот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општа болница Велес. Увид извршила екипа од СВР Велес. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“.
Експлозијата се случила кога повредениот Кире влегол во купатилото да се тушира, веднаш штом ја пуштил водата од вентилот. Во неговиот стан биле и сопругата Тања како и двете деца од кои девојчето е малолетно.Според изјавата на , другар на Кире, среќа во целата несреќа е што купатилото се наоѓало веднаш до влезната врата и што ударниот бран на експлозијата го преживеал на чуден начин.
Во станот целосно се откорнати влезната врата и врата на влезот во зградата,сите прозори и врати внатре, светларникот на терасата, стаклата на прозори на соседен стан, сите останати 14 влезни врати на становите во влезот број 6 како и стакла на автомобили паркирани на улицата „Христо Татарчев“.
-Тој ми се јави на телефон и побара веднаш да дојдам. Дотрчавме со сопругата и овде беше општ хаос. Среќа што не е повредена неговата сопруга Тања, која е болна од лоша болест а тој не успеал да ја разбуди поради лековите што ги пие, како и малолетната ќерка и синот.Дојдоа и дугите другари. Него јас го затекнав целиот облеан во крв, го пренесоа со брза помош во болница а веќе стигна и полицијата. Се е уништено во станот. Испукани се преградните ѕидови на купатилото со кујната, дневната и детската соба.Оштетен е мебел, апарати, предмети. Им треба помош и ќе бидеме благодарни ако Општина Велес и Градоначалникот заедно со Советот финансиски им помогнат бидејќи гледате што остана од станот, рече Сотир Николовски.
Кире Басаров бил вработен но неговата сопруга била болна од канцер. Од преживеаниот стрес Тања не можеше да даде изјава. Таа седеше на скалите и непрекидно плачеше.
И останатите станари беа сеуште под преживеанит стрес. Соседот на катот врз станот на Басарови рече дека пет минути пред експлозијата почувствувале недефиниран мирис.
-Потоа следеше силна експлозија од која мислам дека се стресе целата ламела на згради. Јас ја доживеав како бомба. Ми беше страв да излезам но морав бидејќи целосно се отвори заклучената влезна врата на мојот стан. Пукотницата беше проследена со звук на кршење на стакла.Јас и сопругата сме возрасни луѓе и верувајте дека бевме во шок долго време, рече сосед на Басарови.
Тој и останатите соседи ги менуваа влезните врати. Од станот на Басарови, кои во изминатите 20 години беше нивен дом,е исфрлениот смет во еден трактор. Таму секој помагаше што може. Но, очигледно е дека тоа нема да биде доволно и дека на семејството му е итно потребна помош во пари, во облека, во мебел и во домаќински апарати.
Експлозијата била толку силна што ја слушнале жителите на новиот дел на Велес. Од неа испукале и стакла на ООУ„Васил Главинов“ оддалечено најмалку 100 метри од Топилничарската ламела на згради. Долж тротоарот пред ламелата и напладне имаше бразди од човечка крв/У.Ј
