Полициски службеник на СВР Велес и одзеде мобилен телефон на новинарка на Дума.мк и ги избриша фотографиите

Објавено на 4 април, 2021 во 14:17

168987837 936973703726068 1524653200202158235 n

04.04.2021 година

Полициски службеник на СВР Велес денеска и го одзеде мобилниот телефон на новинарката Стефани Манева од веб порталот Дума.мк и ги избриша двете фотографии што таа ги фотографираше додека извршуваше работна задача пред мост „Гемиџии“ во Велес. Настанот се случи додека новинарката Манева работеше на собирање информации за веста „Товарен воз прегази човек во центар на Велес.“

Како што објасни Манева се се случило на 15 чекори оддалеченост од преминот на железничката пруга на мост „Гемиџии“. Таа го фотографирала сопрениот воз со две фотографии. Првата кон возот и преминот и втората со фокус на пругата и сопрениот воз кога од полициски службеник, облечен во црна униформа што бил качен на возот на висок тон ги слушнала наредбите упатени кон неа да се оддалечи од местото на кое стои како и кон вториот полициски службеник облечен во плава униформа да и го одзеде мобилниот телефон и да ги избрише фотографиите.

-Униформираниот полициски службеник веднаш ми се доближи и побара да го добие мобилниот телефон. Тој од мене бараше новинарска лиценца а не легитимација. Додека се обидував да му кажам дека јас сум на професионална задача испратена од уредничката на веб порталот Дума.мк, со која може да контактира, тој ми го зема телефонот со зборовите: Како да ти верувам? и веднаш продолжи да ја извршува наредбата на својот колега. Ги избриша двете фотографии, ми го врати мобилниот телефон и се врати на местото на кое што претходно стоеше. Немав како да исконтактирам и да побарам помош од уредничката пред случката и затоа тоа го сторив потоа од како беа избришани фотографиите. Има сведоци на настанот кои му одвратија на полицискиот службеник облечен во црна униформа со зборовите: Зошто толку викаш и што ти прави девојчето?. Јас денешната случка ја доживеав прво како стрес а потоа се запрашав што им се случува на обичните граѓани кога службениците на МВР вака се однесуваат кон новинари? рече Манева.

viber image 2021 02 25 13 18 09

Редакцијата на веб порталот Дума.мк веднаш испрати мејл до Министерството за внатрешни работи во кој побара објаснување за денешната случка во Велес, пред мост „Гемиџии“, со новинарката Стефани Манева со следната содржина:

„Почитувани,
во центарот на Велес денеска, пред еден час, се случи сообраќајна несреќа во која товарен воз прегази човек. На настанот од редакцијата на Дума.мк беше испратена новинарката Стефани Манева. Полициски службеник од СВР Велес и го одзел мобилниот телефон на новинарката Манева и си дозволил, на приватен телефон да избрише фотографии што се дел од професионалната новинарска работа без притоа да побара дозвола од Манева и од главниот и одговорен уредник на Дума.мк.

Барам да ми одговорите зошто и кој од полициските службеници и го оттргнал од раце мобилниот телефон и ги избришал снимените фотографии, зошто полицискиот службеник не контактирал со уредникот на медиумот за да провери, ако новинарката не ја носела со себе службената легитимација и што ќе превземе МВР за ваквото однесување на полицискиот службеник  и за претрпениот стрес на новинарката?

Ставот на МВР го очекувам во текот на денот.

Однапред благодарам,
Убавка Јаневска
Главен и одговорен уредник на Дума.мк“

По испратениот мејл следеа и телефонски контакти со Главената советничка во Сектор за односи со јавност на МВР, Лиза Бендевска и јавување на Помошникот на министерот за односи со јавност и портпарол Тони Ангеловски во кој тој лично се извини во име на министерството.

Сепак Дума.мк инсистираше на официјален одговор од МВР кој стигна  и во кој пишува:
„Почитувана,
Случајот што го посочувате ќе биде испитан и доколку се утврди несоодветно постапување на полицискиот службеник, ќе биде содветно санкциониран, а вие ќе бидете информирани. Министерството за внатрешни работи е сериозно посветено на соработката со медиумите, за што сте сведоци и во изминатиот период. Партнерскиот однос меѓу МВР и новинарите е во интерес на граѓаните и ние сме посветени на оваа соработка со сите медиуми, вклучувајќи го и вашиот медиум, со кој до сега имавме одлична соработка, а се надеваме дека така ќе продолжи и во иднина“.

Веб порталот Дума.мк за денешната случка, во која новинарка беше спречена професионално да го проследи случајот со прегазениот маж во Велес ќе ги извести и ќе побара помош од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.