(фото) Втор ден штрајк, велешани не бараат услуги од фондот за здравствено осигурување
Нема граѓани пред влезот на зградата во Фондот за здравствено осигурување во Велес како и на шалтерите кадешто се издаваат услугите за странки. Вториот ден од штрајкот минува мирно, без инциденти. Вработените соопштија дека откако е започнат штрајкот, не доаѓаат странки за издавање на услуги, со што сметаат дека велешани ја почитуваат нивната одлука и го поддржуваат штрајкот.
Штрајкот на вработените од фондот за здравство започна вчера, на петти февруари, како реакција на препораката од Владата од 9 јануари, за намаување на платите од 21 процент. Вработените во моментов извршуваат само неопходни работни задачи, поточно, еден вработен во подрачните единици е задолжен за прием на документи, се извршуваат задачите како пријава на малолетно лице како член во осигурување, регулирање на осигурување за хоспитализирано лице и лекување во странство за итни случаи. Непречено ќе работат само лекарските комисии што ги продолжуваат боледувањата на вработените за тие што имаат потреба.
Од Синдикатот на Фондот за здравствено осигурување при УПОЗ најавија дека сите подрачни единици од Фондот за здравство продолжуваат со штрајкот. Со одлуката се засегнати 831 вработен во ФЗО и ако има намалување на платите, според претседателот на Синдикалната организација на ФЗО Бранко Аџигогов, 25 проценти ќе добиваат плата со износ под минимална плата, а 25 проценти колку минималната плата.
Стефани Манева