ЦУК: 2.045 повици на 112, во последното деноноќие, еден пожар на отворено и превенција од поплави
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имало вкупно 2.045 повици на Единствениот број за итни случаи 112, од коишто „реални“ повици биле 40,14%, а 59,86% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 60,66%, кон Итната медицинска помош 32,66%, а кон пожарникарите 2,34% од реалните повици кон 112 во ЦУК. Збирот повици што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици во ЦУК, 4,34% со другите 59,86% што се именувани како „неитни повици“, биле вкупно 1.237 на број и биле предмет на примање, селективна обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со други институции од Системот за управување со кризи, согласно природата на пријавените итни случаи.
Сепак има пожари на отворено и покрај врнежите од дожд. Пожарникарите од ТППЕ Прилеп, вчера во период од 12:02 до 12:20 часот со едно ПП возило и два пожарникара интервенирале на запалена ниска вегетација кај ООУ ,,Блаже Конески“ во Прилеп.
Инаку, во поглед на активности за превенција од опасност по мост во Скопско и од поплави, Регионалниот ЦУК Скопје, информира дека преку Единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК, од АД Водостопанство е добиена пријава за поголемо натрупување на дрвена маса под мостот на реката Вардар на локација помеѓу селата Јурумлери (Општина Гази Баба) и Долно Лисиче (Општина Аеродром). Според пријавата, насобраните дрва и гранки на столбовите претставувале опасност од излевање на реката и вршеле притисок на носечките столбови на мостот, заради што е потребно активирање на соодветна механизација за решавање на проблемот.
Регионалниот ЦУК Скопје, по добивањето на пријавата, ја известиле Општина Аеродром и надлежните служби на Општина Гази Баба, а во синџирот на дејствување е известено од нивна страна АД Водостопанство за расчистување на дрвената маса под мостот во блиско време, бидејќи следи период од можни пролетни врнежи, па опасноста по мостот, заради притисокот на солбовите од мостот и опасноста од заезерување над и околу мостот, ќе биде поголема.
Дума.мк