(ФОТО) Велосипедисти на „Велес Бајкинг“ сервисираа велосипеди, едуцираа сограѓани и за тројца веќе обезбедија донирани точаци
Вкупно 15 сервисирања на велосипеди на возрасни Велешани и на нивни деца успеаја за два часа да реализираат велосипедистите на „Велес Бајкинг“ изминатава сабота, на 9 март, во Младински парк. Исто така сите присутни сопственици на велосипеди присуствуваа на едукација за правилно одржување и користење на ова превозното средство.
-На двочасовниот настан имавме одличен одзив од заинтересирани сограѓани. Не радува фактот што со татковците дојдоа и деца за кои знаеме дека возењето велосипед претставува убава можност за игра или за натпревар. На двочасовна едукација присутните ги добија основите за сревисирање на личните велосипеди. Видовме многу задоволни деца кои веднаш по поправањето на велосипедот имаа можност за прво возење во Младински парк. Ова е всушност втора од вкупно планираните 14 работилници коишто ќе ги реализираме со нашите сограѓани на различни локации во градот, рече Зоран Јаневски претседател на ЗГ„Велес Бајкинг“.
Граѓанското здружение ги доби како донација и првите три велосипеди. По сервисирањето, два ќе подари на деца и еден на возрасни сограѓани. Тоа ќе се случи во сабота, на 23 март, на трета работилница којашто ќе се одржи во Градски парк, кај „Pump Track“ патеката.
Исто така следи и активност во која обучени сервисери на „Велес Бајкинг“ ќе посетат две средни училишта за да спроведат кратки презентации и обуки за сервисирање на велосипеди.
Сите активности на велосипедистите на велешкото граѓанско здружение се дел на проектот „Намалување на СО2 со зголемување на користење на велосипеди и воведување мобилни сервис услуги во Велес“. Проектот на “Велес Бајкинг“ е во соработка со Општина Велес, финансиран од Програмата за мали грантови (ПМГ) на Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ).
Убавка Јаневска