Продолжен рокот за пријавување на атлетската трка „Трчаме за Рацин 5 и 10к“
Поради големиот интерес за атлетската трка „Трчаме за Рацин 5 и 10к“, организаторите одлучиле да го продолжат рокот за пријавување до 4 јуни, годинава.
Трката којашто ќе се одржи на 9 јуни е дел од 61-вото издание на Рацинови Средби и се организира трета година по ред.
-По двете претходни успешни изданија, и оваа година може да ви ветиме одлична трка и супер забава преку кои на свој автентичен начин го чествуваме ликот и делото на Рацин. Исто како и на претходните изданија, и оваа година е предвидена детска трка, како увертира на главниот настан трките на 5 и 10 километри.„Трчаме за Рацин“ е организирана според правилата за улично и маратонско трчање на IAAF и АФМ, велат организаторите.
Во склоп на настанот предвидени се три трки и тоа на 10 км и трка на 5 км кои ќе започнат во 19:00 часот, додека детската трка на 400м ќе започне во 17:30 часот. Патеката е кружна и во должина од 2.5км. Секој од учесниците на трката од 5км трча 2 круга, додека учесниците на 10км ќе трчаат 4 круга.
Организаторите надополнуваат дека годинава е зголемен наградниот фонд и за најбрзите на трките од 5 и 10 км се предвидени парични награди.
За да ги погледнете понудите и да се пријавите на трката – кликни тука.
Стефани Манева