Велешкиот атлетичар Роберто Димитриевски со успешен настап на Белградскa трка на 10 километри
На листата на првите 20 најуспешни натпреварувачи на Белградската трка на 10 километри е запишано и името на велешанецот Роберто Димитриевски кој е член на АК „Велес“. На трката која по белградските улици се одржа изминатиот викенд учествувале вкупно 3834 врвни атлетичари и атлетичарки од целиот свет додека до целта пристигнале 3238. Прв меѓу сите на целта стигнал Ел Талхауи Мухамед од Мароко,и второто место го освоил Мухамед Ел Газвани исто така атлетичар од Мароко додека третото место шпанскиот атлетичар Јоунес Книа.
Велешанецот Роберто го освои 17 место во елитата на светски познати и искусни атлетичари и беше првопласиран од 28 македонски атлетичари кои замаа учество на оваа трка.На листата после него втор од македонските атлетичари, на 62 то место се пласира Антонио Пандовски.
Роберто Димитриевски на оваа трка зад себе ги остави многу врвни атлетичари од,Србија, Русија, Германија, Црна Гора и други земји.
За ДУМА.мк, Роберто ни изјави дека е пресреќен што во Белград, веднаш по завршување на вечерната трка на 7 септември, а наспрема големиот празник 8 септември, Ден на независноста на Македонија, гордо го развиорел македонското знаме.
-Додека трчав со македонски црвено- жолт дрес со македонско знаме и бев со водечките на чело на трката, од бројната публика од сите возрасти цело време бев бодрен со „Браво Македонец“. Тоа ми даваше дополнителен стимул да издржим во напорната трка низ Белградските улици. Воедно сакам да потенцирам дека како и неколкупати досега на сите Белградски маратони и трки на кои сум учествувал и овојпат бев топло примен од моите колеги-атлетичари од Србија и од останатите учесници со кои се дружев и си честитавме на успехот. Воедно на целта со српските атлетичари учесници на трката и мои веќе добри пријатели од изминатите Белградски маратони и трки, на крај за спомен сите заедно се фотографиравме веејќи ги заедно македонското и српското знаме, вели Димитриевски со гордост и голема насмевка за постигнатиот успех.
Стефани Манева