Ден пред „Умрело дете за кора“ и два дена пред „Прочка“ во кујната на средното училиште „Коле Неделковски“ хуманитарна акција за подготовка на сукано и баклава (ВИДЕО)

Осум жени пензионерки од велешкото пензионерско здружение ги земаа сукалата во рака и цело утро сукаа колпидиња, јајчаници и пити со урда, спанаќ и јајца. Дел од нив замесија теста и влечеа кори. Во кујната на ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ во Велес беа и учениците од угостителската струка. Дел асистираа, поточно го подготвуваа мастрафот, а дел и пробаа да исукаат или развлечат по некоја кора Во ова државно средно училиште постои традиција кога стекнатите знаења на учениците се покажуваат на настани кои имаат хуманитарна цел.

Благојка Настова од Организацијата на пензионери соопшти детално што волонтерски денеска сработија пензионерките и учениците.

Утрешниот ден којшто според верскиот Календар се нарекува „Умрело дете за кора“ всушност е дел од традицијата во Велес кога во домовите на голем број сограѓани се подготвува сукано и семејството се насладува на марифетот на постарите велешанки, Секако има и помлади велешанки кои умеат да сукаат или влечат кори, категорични се пензионерките и дел од професорките на ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ во Велес.

Директорот на училиштето Горан Богоевски ги соопшти сите активности што денеска се случуваа во државното училиште и најави дека велешани напладне пре велешки Народен Театар ќе можат да добијат сукано и баклава а парите да се соберат и употребат за хуманитарна цел.

На хуманитарната акција што денеска претпладне се состоеше во подготовка на сукано и баклава во кујната на ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ дојдоа и ученици од деветто одделение од велешките училишта. Неколку од нив рекоа дека имаат искуство во правење баклава, за верскиот празник Прочка и заедно со професорите од угостителски смер подготвија уште неколку тепсии.
Атмосферата во училишната кујна претпладнево беше весела. Пензионерките ги мотивираа учениците и на работа и на песна.
Убавка Јаневска
