И починатиот 78-годишен велешанец е позитивен на „Ковид 19“, семејството загрижено и преплашено а здравствените институции смируваат дека се е сработено и се работи според протоколи
Објавено: 4 април, 2020, во 13:00 часот
4.04.2020
Позитивен на тестот на „Ковид 19“ е и починатиот 78-годишен велешанец. Тој почина во средата, на 1 април, утрото и имал коронавирус откако, според семејството, повеќе денови го лекувал матичен лекар. Според нив нивниот сопруг, дедо и пра дедо не бил соодветно лекуван од матичниот лекар, не бил прифатен како итен случај за транспорт од страна на Итната медицинска помош и на груб начин бил вратен дома од страна на специјалист инфектолог на Инфективното одделение на велешката Општа болница. Сега сопругата, внуката со децата како и уште една жена од потесното семејство се загрижени за нивната здравствена состојба.Тие бараат итно да се тестираат и на лекарите, исто така, им пренеле дека биле изложени на навреди од соседите.
Од Центарот за јавно здравје во Велес кога ја потврдија веста дека 78 годишниот велешанец е позитивен на тестот на коронавирус со став дека случајот е работен според медицински протокол и било постапено како што налагаат прописите.Во понеделник на 6 април ќе се земат 6 брисеви од потесното семејство на починатиот.
-Ден откако е пријавен случајот со 78 годишниот велешанец, кој за жал е починат, му е земен брис. Апелирам на смиреност и можност здравствените работници да бидат оставени да ја работат работата согласно медицинскиот протокол. Во конкретниот случај тврдам дека е постапено согласно прописите. Резултатите од брисот се позитивни. При изработката во Вирусолшката лабораторија на Институтот за јавно здравје се работеа и анализите на 11 медцински работници од болницата во Куманово. На наше инсистирање беше сработена и анализата за велешанецот. Сакам да ве информирам дека мора да се внимава и да не се доведат во ситуација на опасност ни пациентите ниту здравствените работници. Во последен момент на собирање на информациите за пациентот е информирана екипата на Итна медицинска помош и вратена назад од терен за да се заштити со скaфандери и друга потребна медицинска опрема како би го транспортирала конкретниот случај на пациент. Ако тоа не го сторевме, ако не ги заштитевме епидемиолозите, дали можете да претпоставите што денеска ќе се случуваше. Ве информирам, исто така, најблиските на починатиот сограѓанин се изолирани, од нив брис ќе биде земен во понеделник на 6 април. Дадени им се препораки и тие ги почитуваат во изолација, рече директорот Тони Димитриев.
Според директорот на Центар за јавно здравје сега требало безбедно да се погребе починатиот велешанец. Погребот ,откако јавен обвинител и полиција ја завршиле постапката, ќе се одржи утре, недела, во присуство само на сопругата и на внуката на починатиот велешанец.
На обвинувањата од семејството кусо одговорија и од ЈЗУ Општа болница Велес.
-Во овој момент можам да ви соопштам дека чекаме инспекција од министерството за здравство. Според информациите кои ги имам во епидемиолошката анкета на пациентот за кој ме прашувате од страна на специјалист инфектолог е забележано дека нема симптоми на коронавирус. Ќе го чекаме извештајот на инспекцијата, рече портпаролот на велешка болница д-р Николовска Неделкова./У.Ј


